Иван Грозни кој светот го препознаваше по бројот 1+8 на дресот

Кога ќе се спомне неговото име, голем број фудбалски носталгичари од прва ги диктираат неговите врвни соиграчи од нападот и се сеќаваат на лудите бројки на дрес коишто сам ги побарал.

Мануел Пелегрини сите го знаат како тренер, но малку кој знае дека на времето бил добар штопер кој одиграл дури 13 години во еден од најголемите чилеански клубови Универзидад де Чиле.

Во 1986-та година Мануел Пелегрини ја завршил кариерата после неочекувана збунка.

Како што еднаш самиот раскажал: „Игравме меч од Купот на Чиле против Кобреандино. Нашиот голман одби еден шут, а јас тргнав да ја избијам одбиената топка со глава. Позади мене беше едно дете од 17 години, многу пониско од мене којшто скокна повеќе од пола метро и со глава ја заби топката во наш гол. Дента решив дека треба да ја завршам кариератра“.

Тоа дете од 17 години бил Иван Заморано.

ПОЧЕТОЦИТЕ ВО РУДАРСКА СРЕДИНА

Иван Заморано е роден во јануари 1967 година во Сантијаго. Руско име му дала мајка му на барање на еден семеен пријател, бизнисмен кој често работел во Русија. „По мислењето на мајк ами, ова име му дава звучност на презимето. Се согласувам со неа скроз. Иван Заморано звучи прекрасно“, рекол еднаш поранешниот фудбалер.

Неговиот живот уште од детството не бил баш бајка. Растел во сиромашна околина, а на 13 години го изгубил татко му - Луис Заморано починал од перитонит предизвикан од туберкулоза. Ги оставил Иван, сопругата и ќерка им.

Фудбалот во Латинска Америка и тогаш, а и сега ден-денес е единствен избор за талентираните деца да избегаат од сиромаштијата.

Така тргнал и Иван кој не успеал да се пробие во клубовите од главниот град на Чиле, па кариерата ја почнал во Кобресал, мал клуб од рударски град со 20.000 жители на северот од Чиле. Во 1986-та година него и уште пар други млади играчи Кобресал ги пратил во Кобреандино, второлигаш во кој Заморано буквално растурал. На 29 меча дал 27 гола.

Тоа било доволна причина Кобресал да го врати во своите редови и во следната сезона Заморано да им помогне на „рударите“ да го освојат првиот пехар во клупската историја - Купот на Чиле.

Заморано бил идеален напаѓач: моќен, храбар, снажен, со прецизен шут и со „инстинкт на убиец“. Просечната висина од 179 сантиметри ја компензирал со голема брзина на теренот.

Го завикале „Бам-Бам“. Овој прекар му го дал познатиот чилеански коментатор Хуан Еспиноза кој за време на еден натпревар го нарекол Заморано така во чест на лик од цртаниот филм „Флинстоунс“ кој Иван во едно интервју рекол дека му е омилен.

ПАТ КОН СТАРИОТ КОНТИНЕНТ

Во 1989-та година Заморано се пресели во Европа. Ловци на таленти од Болоња го приметиле и го поканиле на проба. Тие години Серија А важеше за најсилна лига на светот, со Марадона, со Зико, со Платини, со Ариго Саки, Ван Бастен итн.

На почеток не му тргнало и го одбиле во Болоња. Тренерот Џиџи Маифреди не бил воодушевен и сметал дека младиот Чилаенец не е се за италијанската лига.

Менаџерот на Заморано, Винисио Фиоранли морал да бара нова варијанта. И нашол, ама во Швајцарија. Го пратил Иван во Сент Гален каде овој се споил со двајца сонародници, Уго Рубио и Патрисио Мардонес. Во текот на следните две години скромниот Сент Фален којшто имал мала чилеанска дијаспора почнал да бележи сјајни резулати.

Заморано на 61 меч дал 37 гола за Сент Гален, а во сезоната 1989/1990 станал најдобар стрелец во Швајцарија па го свртел вниманието кон себе.

Во летото 1990-та година Иван Заморано потпишал договор со Севиља. Андалузијците му платиле 2,5 милиони долари на Сент Гален за трансферот.

НАЈДОБРИТЕ ГОДИНИ ВО КАРИЕРАТА ГИ ИМАШЕ ВО ШПАНИЈА, КАРИЕРАТА ВО РЕАЛ МУ БЕШЕ ТОПЛО-ЛАДНО

Севиља во тие години беше просечен клуб од Ла Лига, далеку од она што е денес при врвот на табелата. Пред доаѓањето на Заморано за Севиља играа добри играчи, па Чилеанецот се најде во друштво на Давор Шукер, но во две сезони биле 8. место па 12-то.

Заморано во првата сезона во Севиља блескаше. Во првите 10 кола постигна 6 гола, екипата беше во зона на еврокупови, но во февруари Чилаенецот се повредил и резултатите на тимот биле се послаби (во последните 8 кола имале само 1 победа) и паднале во средина од табелата.

Заморано во 2 сезони на „Санчез Писхуан“ дал 23 гола на 65 меча.

Во 1992 година на голема врата отиде во Реал Мадрид кој за него исплати 5 милиони долари. Реал тоа лето остана без својот најдобар напаѓач Уго Санчез кој се врати во Мексико. За да ја надомести загубата Реал и новиот тренер на клубот Бенито Флоро го ангажирале Заморано.

Во последните две сезони пред доаѓањето на Иван Реал Мадрид немаше освоено ниту еден трофеј. Во тој период доминираше Барселона на Јохан Кројф.

Младиот Чилеанец знаел дека од него ќе се очекува многу, па успеал брзо да ги освои симпатиите на разгалената публика во Мадрид.

Сезоната 1992/1993 заврши кошмарно за Реал Мадрид, зошто по испаѓањето од Куп на УЕФА од ПСЖ во два натпревари, цела сезона во Ла Лига имаа предност над Барселона, но во последното коло изгубија  2:0 од Тенерифе и му ја подарија титулата на најомразениот ривал.

Во меѓувреме сезоната ја спасија по триумфот над Барселона во полуфиналето на Копа дел Реј кој подоцна го освоија (победа над Сарагоса во финале на „Местаља“ со головите на Бутрагењо и Лас).

Поддржан од фудбалери во среден ред како Јеро, Мичел и Просинечки, Заморано постигна 37 гола на 45 натпревари и доби нов и помоќен прекар: „Иван Грозни“.

Последната негова сезона во Реал 1993/1994 заврши исто кошмарно не само за клубот туку и за Чилеанецот. Реал Мадрид заврши на 4. место на табелата со убедлив пораз од 5:0 од Барселона на „Камп Ноу“.

Заморано не постигна гол цели 18 меча таа сезона иако ја заврши со 17 погодоци.

Во летото 1994-та Хорхе Валдано му рекол дека нема да смета на него. „Не си во моите планови. Ако имам пет напаѓачи во тимот, ти ќе бидеш петти. Ако имам четворица, ти ќе бидеш четврти“, му рекол Валдано.

Тоа лето нападот на Реал го засили Словакот Петер Дубровски, а дојдоа и Микаел Лаудруп од Барселона и Фернандо Редондо од Тенерифе. Во тоа време во Шпанија имаше правило за ограничен број на странски играчи во тимот, па Иван Заморано стана вишок.

Но Заморано рекол дека нема намера да си оди иако го барале Баерн, Штутгарт, Севиља и Атлетико Мадрид. Решил да се бори за место стартер.

На подготовките блескал со три гола и бил спремен да остане првотимец.

Еднаш раскажал за случај со Хорхе Валдано од тоа време на првиот тренинг во швајцарскиот град Нион. Тренерот решил да играат едни против други на тренинг а со Заморано се нашле од спротивни страни. Во еден момент во дуел за топка Иван му влегол на аргентинскиот тренер и му го повредил коленото, а двајцата се нашле на теренот.

Хорхе Валдано се насмеал, го фатил Чилеанецот за дрес и му рекол: „По ѓаволите, ти секогаш така тренираш или само кога не го сакаш тренерот?“. „Секогаш!“, одговорил Заморано. Во првиот официјален меч Валдано решил да го стави од почеток и Заморано покажал дека е класа. Постигнал гол уште во 30 секунда од мечот со Севиља на гости и ден-денес тоа е најбрз гол во историјата на Реал Мадрид. После четири минути Заморано зголемил на 0-2.

Таа сезона Реал преводен од новиот тренер Хорхе Валдано си ја врати титулата, а Заморано со 28 постигнати гола стана најдобар стрелец во лигата и ја доби наградата „Пичичи“ (31 гол во сите натпреварувања.

Најдобриот меч во кариерата го одигра на 7 јануари 1995 година кога после точно една година од срамниот проаз на „Камп Ноу“, Реал ја згроми Барселона на „Бернабеу“ со ист резултат 5:0 а Заморано постигна хет-трик.

„Сакав да останам да живеам на теренот! Памтам кога Валдано ме извади од игра, овациите од „Бернабеу“ беа многу емотивни“. 

Реал таа сезона ја освои титулата во 36. коло против Депортиво. Во 85' минута при резултат 1:!, Заморано кој прими една топка од Хозе Амависка, постигна убав гол и му ја врати титулата на Реал после цели 5 години пауза.

Амависка и Заморано таа сезона доминираа. На крај Иван му заблагодарил на тренерот Хорхе Валдано.

„Должен сум да му заблагодарам на Хорхе што беше искрен со мене. Многу тренери сакаат да кажуваат само убави нешта. Во тоа време правилно беше тоа што ми го кажа Валдано дека бев на лош пат. До третиот меч станав негов соборец, во десетиот пример за другите, а во последниот клучен играч. Така викаше“.

После нов пад. Во сезоната 1995/1996 Реал Мадрид не освои ниту еден трофеј и што е полошо заврши на 6. место. Најголема вина имал Валдано кој се решил да ротира два тима, еден за Лига на шампиони и еден за првенство. Од старт играл така и ја утнал цела сезона.

Во ноември претседателот Рамон Мендоза му го отстапил местото на потпретседателот Лоренсо Санц, а во јануари го отпуштија Хорхе Валдано и привремен в.д тренер стана Арсенио Иглесијас.

Летото таа 1996-та имаше тотална чистка во клубот во која западна и Иван Заморано кого за 2,5 милиони долари го купи Интер.

Во Мадрид „Иван Грозни“ за четири сезони постигна 101 гол на 173 меча и освои три трофеи - Ла Лига, Копа дел Реј и Супер Куп на Шпанија.

ИГРАШЕ ВО ИНТЕР СО РОНАЛДО, БАЏО И ВИЕРИ И СМИСЛИ НОВ БРОЈ ВО ФУДБАЛОТ

„Нераѕурите“ во летото 1996-та година беа најактивен клуб на трансфер пазарот во цела Европа.

Освен Заморано, Интер го засилија Диего Симеоне, Јури Џоркаеф, Арон Винтер, Жослен Англома, Нванкво Кану.

Масимо Морати не жалеше пари зошто го чекаше првиот трофеј како претседател на Интер, но во сезоната 1996/1997 не го дочека. Клубот од Милано го освои третото место во Серија А и испадна од Купот на Италија, па тифозите се надеваа во пехар во Купот на УЕФА.

Тогаш финалето се играше во два меча. На првиот Интер со Шалке изгуби минимално, а на реваншот дома Заморано го постигна единствениот гол во 85' за израмнување на вкупниот резултат.

Но во серијата пенали за пехарот Заморано и Винтер ги промашија пеналите и трофејот отиде за Гелзенкирхен. Чилеанецот некако долго се адаптираше во Италија и во графата постигнати голови се ограничи на по 13.

Морати после таа сезона го избрка Рој Хоџсон и реши да го купи Роналдо од Барселона. Нов тренер на тимот стана саканиот од навивачите Луиџи Симони. Интер го доведе Рони, но скудетото отиде кај Јувентус.

Интересно Интер втора година по ред влезе во финале на Куп на УЕФА и овојпат го згроми Лацио со 3:0 со головите на Заморано, Занети и Роналдо. Иван таа сезона беше повеќе резервен играч. 

Најјак момент во кариерата на „Бам-Бам“ Заморано беше пред сезоната 1998/1999 кога на „Џузепе Меаца“ дојде Роберто Баџо.

Италијанскиот напаѓач го барал бројот 10 кој во тој момент му припаѓаше на Роналдо. Бразилецот ја доби 9-та која ја носеше Заморано, па Иван барал за да не се кара со Баџо и Роналдо, клубот да аплицира во лигата за дрес со број 1+8.

Цел живот играл 9-ка и не сакал да се откаже од овој број. Управата добила дозвола од федерацијата и „Иван Грозни“ играше со најлудиот број на дресот во фудбалската историја.

Интересно дрес со број 1+8 уште пар сезони подоцна можел да се најде во фан шопот на Интер. Во Милано Чилаенцот одигра уште толку, а во 1999-та година нападот го засили и Бобо Виери па Интер имаше најсилна офанзива на светот но се задоволија само со Куп на УЕФА во 1998-ма

Во 2001-ва година веќе ветеран, Заморано потпиша со Америка од Мексико, а после 2 говини ја заврши кариерата како фудбалер на Коло Коло каде одигра во чест на татко му. Луис Заморано бил голем љубител на Коло-Коло.

Во Чиле Заморано во 1998 година беше прогласен за најголем спортист во земјата на сите времиња. Со репрезентацијата два пати за малку му избега пехар на Копа Америка (сребро во 1987-ма и бронза во 1991).

Во тандем со култниот Марсело Салас во квалификациите за Светско првенство 1998 постигнаа 23 гола. (Иван постигна 5 гола на еден меч против Венецуела а за цела кариера даде 34 погодоци на 69 меча и е четврти најдобар стрелец во историјата на „Ла Роха“).

КРАЈ НА КАРИЕРАТА И ФОКУС НА ФАМИЛИЈАТА

Откако ја заврши богатата кариера, „Иван Грозни“ ужива во животот. Воспитал три деца, се занимава со бизнис, периодично се појавува како стручен коментатор на телевизија.

Неговата кариера не паѓа во заборав зошто постојано има репортажи и интервјуа со него. Луѓето кои го интервјуираат, доаѓаат кај него дома каде тој им го покажува „магичниот“ број 1+8 на дресот и легендарното дерби со Барселона на „Сантијаго Бернабеу“ кога блесна со три гола.

„Децата и пријателите кога доаѓаат ми бараат да пуштам. Сум го гледал тој меч сто пати. Таа вечер е најважна во мојата кариера заедно со дуелот за Суперкупот кој го освоивме на „Камп Ноу“, вели Заморано.