Вистинското потекло на скечот со кора од банана

Лизгањето на банана е класичен скеч од оние црно-белите комедии. Но тој има реална историска основа, поврзана со време кога фрлените кори по њујоршките улици биле кошмар за неговите жители.

Кога бананите прв пат пристигнале во Њујорк, тоа било резултат на обемна логистика и планирање. Како што пишува Дан Копел во „Банана: судбината на овошјето што го смени светот“, по Граѓанската војна во САД бананите биле како кавијар - статусни симболи до кои тешко се доаѓало. Најблискиот регион каде се произведувале, Јамајка, бил одалечен три недели со брод, што е подолго од рокот на траење на една банана. Но кога трговците сфатиле дека доколку бананите се држат на палуба, па уште и се стават во кутии со мраз, тие можат да го издржат патот, што довело до тоа тие да станат повообичаени и поевтини.

Но и ова си имало свои последици. Њујорчаните си ги купувале бананите на улица, но на лице место и ги лупеле, а корите ги фрлале каде што ќе стигнат. Страниците на американските весници на преодот на векот (од 19ти кон 20ти) содржеле стории за сериозни повреди поврзани со оваа навика.

„Богат трговец, на 75-годишна возраст, се лизна на кора од банана пред својата куќа и си ја скрши десната нога близу до колкот“, пишува Тајмс во 1884. „Не се очекува да закрепне“. По повеќе од 30 години, текст со наслов „Кора од банана предизвика смрт“ опишува како некој фабрички работник се лизнал на кора и паднал на улица, каде го прегазил камион.

Да била само кората на тротоарот работникот можеби и ќе ја забележел - но во доцниот 19 век њујоршкото ѓубре знаело да биде и до колена. Градот имал оддел за улично чистење формирано во 1881. Но ова ова било ера на корумпирана политика, каде работните места биле доделувани врз основа на пријателства и лојалност кон градските функционери, па работниците често не се ни појавувале на работа, а фондовите наменети за оваа цел биле злоупотребувани.

Во тие купишта имало сешто, дури и мртви животни, но бананите некако испаднале најопасни. Теодор Рузвелт, тогаш главен на њујоршката полиција, објавил војна на корите, говорејќи пред своите подредени за „лошите навики на бананите“, и нивната „тенденција да ги фрлаат луѓето во воздух и да ги трескаат од тврдиот асфалт“. И не дека во други градови немало ѓубре и банани, но Њујорк некако предничел по валканоста. Тоа што истовремено бил и главен град на забавата довело до тоа филмски ѕвезди и комичари да го вклучуваат скечот со лизгањето на кора од банана во своите настапи и филмови (меѓу кои и Чарли Чаплин)

По корупциски скандал од крајот на 19 век за главен за комунална хигиена бил поставен извесен Џорџ Воринг, кој веќе имал прилично големо искуство со редизајнирање на системот за канализација во Мемфис, со што завршила ерата на тамошните локални епидемии. Бил познат по војничка дисциплина, па кога ја добл функцијата наредил сите чистачи да носат бели униформи, за да асоцираат на чистота и здравје. Тие морале да маршираат како војници по улиците и да им дадат приоритет на сиромашните населби.

Но наместо да бидат благодарни, жителите на овие краишта фрлале цигли и камења на чистачите и ги тепале со стапови. Едно време тие морале да чистат со полициска придружба (фото горе). Но Воринг не се откажувал. Набргу улиците на Њујорк светеле, а чистачите добиле почесно место на градските паради и добри плати, што ги мотивирало дополнително да се трудат. Како што ѓубрето исчезнувало од улиците, корите од банани продолжиле да живеат само во скечевите.

извор

30 јули 2019 - 10:47