Така се прави тоа

Речник во чекор со животот

Колинс, еден од познатите речници на англискиот јазик, бара помош од јавноста за да биде во тек со сленгот, особено оној кој се развива онлајн.

„За нас е од суштинско значење да наслушнуваме и да ги бележиме новите зборови кои се појавуваат во поп културата, науката и технологијата", изјавил Алекс Браун, еден од раководителите на дигиталното издание на речникот.

Предлозите за нови лингвистички единици во Речникот можат да се поднесат на неговиот сајт - до сега има над 100 нови зборови-кандидати, како „фотомобминг" (кога некој се појавува во позадина на некоја фотографија без фотографираниот да го знае тоа), „Beer Google" (кога резултатите од некое пребарување изгледаат поатрактивни затоа што сте испиле неколку пива, игра со зборови со Beer Goggles, „пивски наочари" кои прават сè да ви изгледа пофино отколку што е), или YOLO (акроним од You Only Live Once - живееш само еднаш).

Од овие кандидати лингвистите во Колинс потоа ќе ги одберат оние кои ќе влезат во речникот, што не значи дека таму ќе останат засекогаш. Да, јазикот е „жива материја", а речниците треба да се во дослух со неговата еволуција. Кога Речникот на македонскиот јазик би ја спровел истата методологија, сигурно би се добиле интересни резултати - голем број од новите зборови би биле англицизми, но ќе се најде и некој креативен македонски збор, кого уште денес може да го пуштиме во оптек. Како ви звучи на пример „влакнокорн" за депилација, или „прстилиж" за деликатес?

 

18 јули 2012 - 08:08