Едено д најпознатите адвокати во Франција, Кристијан Етелин, во ноември размислувал за повлекување од професијата и мирна пензија, кога добил телефонски повик кој променил сè. Најпрвин затоа што оној кој се јавил со години се водел како мртов, а второ затоа што повикот се однесувал на вооружен грабеж од пред 30 години.
Гласот од другата страна бил на Жил Бертан - некогашен нихилистички панк пејач на бенд од Бордо, наречен Камера Силанс, со голем број фанови помеѓу анархисти и екстремно левичарска младина, кои сметале дека за нив нема иднина. Британија го имала Сид Вишс и Секс пистолс - Жил Бертан бил неговиот француски еквивалент.
Во доцните 1980-ти групата и дел од нивните најблиски обожаватели се оддала на дроги, а неколкумина биле инфицирани со ХИВ. Откако сфатиле дека немаат уште долго, решиле да заминат во голем стил - да извршат голем грабеж и да потрошат сè додека се живи.
Токму тоа и се случило - украле 12 милиони франци (скоро 2 милиони евра) од банка во Тулуз, а потоа се јавиле во локален весник за да се пофалат. Никој не бил повреден во акцијата, а полицијата веднаш сфатила дека има работа со аматери. Сите биле фатени во тек на една година, освен еден осомничен, Жил Бертан.
Парите не биле вратени, а некои од крадците, кои веќе биле болни, набргу починале од симптоми поврзани со сида. Останатите поминале кратко време во затвор, а откако излегле од таму воделе повлечен живот.
Жил Бертран добил казна од 10 години затвор во отсуство. Како што минувале годините целиот случај паднал во заборав. Жил бил прогласен за мртов. Неговото семејство, вклучително и неговиот син роден во текот на тие диви години, никогаш не чул повторно за татка си.
Но всушност тој е жив, иако не и сосема физички здрав. Новинари од Би-би-си се сретнале со него во Тулуз - тој е висок, слаб и слеп на едно око, резултат на хепатит од користење дрога, и крајно срамежлив. Според она што го изјавил, веднаш по разбојништвото, буквално со торби полни пари, се упатил во Португалија, постојано криејќи се. Таму отворил продавница за плочи, но по десет години почнало да го фаќа параноја дека француската полиција му е зад петиците, па заминал за Барселона. Таму работел како бармен во кафана која ја држеле родителите на неговата девојка. Им се родило дете, а само девојка му ја знаела вистината за неговото минато.
Но во еден момент заради хепатитот се соочил со смртта, и бил спасен од доктори во Барселона бесплатно, и без никакви прашања, затоа што немал документи. Ова му било пресвртна точка - време да се соочи со минатото и да биде искрен со 7-годишниот син.
Се качил на воз за Тулуз, се јавил на адвокатот и се предал на полицијата.
Сега чека судење, нервозен е, но истовремено како да му е симната тежина од плеќи. Се соочува со можност од 20-годишна затворска казна. Но со неговиот пример сака да им покаже на оние кои сметаат дека ваквиот начин на живот е „кул“ и го романтизираат криминалот да не го прават тоа - тој вели дека никогаш не би го одбрал повторно тој начин на живот, во постојан страв и молк за се во врска со минатото.
Очекувајќи го слудењето тој почнал да пишува во врска со своите искуства додека бил во бегство, и се има повторно споено со другиот син, кој сега има 30 години. Се надева дека ќе може да го убеди судијата дека се има променето.
„Во раните 1970 и 1980 навистина бев гневен млад човек, нихилист, анархист, на деструктивен пат и револтиран во однос на општеството. Направив грешки, но сега имам 57 години и сум друг човек“, вели тој. Неговиот адвокат пак, 74-годишниот Етелин, кој до сега има брането радикални терористи, исламски фанатици и разни ганстери, одлучил да го одложи пензионирањето, затоа што ваков случај, кој доби огромен публицитет во француските медиуми, не се добива секојдневно.