Kако што пишува Економист, Јапонците во последно време ја прифаќаат идејата за hoomu paatei (домашна забава), направена не согласно традиционалните, туку според западните тертипи. Јапонското издание на списанието „Ел“ неодамна посвети цел број за тоа како бидеш домаќин со стил. Дневно се појавуваат нови страници со рецепти, а постои и Јапонска асоцијација за домашни забави, која издава сертификати за оние кои ќе го минат нејзиниот курс.
Се отвараат и школи кои одржуваат работилници за организирање журки, а една од нив се вика „Атеље ајде да се забавуваме“, и е раководена од Јапонка која живеела во САД. Таму таа била шокирана кога на вечера кај пријатели Американци затекнала шведска маса која се состоела од парчиња исецкана салама. И обратно, кога таа поканила Американци на гости тие биле зачудени што таа ја минала целата вечер во кујна, наместо да седи со нив на софра и да муабети. „Сфатив дека дружењето е приоритет, и сакав да го донесам овој лежерен стил и во Јапонија“, вели сега таа.
Дека Јапонците често прифаќаат увезени трендови е јасно, но тие им даваат локален белег. Големиот број производи, од теријаки бургери во Мекдоналдс, до Киткетс со вкус на зелен чај, како да велат - „јапонски дух, западни предмети“.
И во овој случај тематските журки на кои подучува Оба имаат западен шмек, но и врска со јапонската традиција. Така, една можна тема е Октоберфест, германскиот фестивал на пиво, за која таа советува избор од соодветна колор-шема, на кафено и сино. Нејзините ученици ги прават декорациите според принципите на икебаната, јапонската уметност на аранжирање цвеќиња, која датира од 17 век. За ваквата забава се служи свинско месо, компири, но не и пиво, туку - ладен чај.
Додека Јапонците се мачат со учење на западните начини, куп Германци се обидуваат да направат суши или традиционална јапонска супа - рамен. Останува уште Македонците да престанат да виткаат сарми туку да се фатат со рецепти за динстана мов и ирваси, и процесот на меѓукултурна размена во областа на гастрономијата конечно може да заврши.