Тогаш веќе никој не ја доведува во прашање нејзината автентичност, туку просто продолжува да ја шири заблудата. Еве еден таков пример.
На социјалните мрежи често се среќава фотографија од една спомен-плоча поставена на објект во градот Лоуел, Масачусетс, родната грутка на Џек Керуак, еден од пионерите на бит генерацијата. На неа се вели дека на 15 август 1968 на тоа место Керуак и Бароуз се скарале во врска со употребата на тн. „оксфордска запирка", дека настанот е овековечен во книгата на Керуак „Доктор Сакс" и дека постои и полициски извештај за него. „Според очевидци, Бароуз го лекторирал и корегирал извештајот на полицијата пред да падне во несвест. Извештајот сега е во постојаната збирка на центарот Морган" - завршува текстот на плочата.
Звучи супер интересно. И средбата на двајцата книжевни гиганти, и темата на спорот. Имено, оксфордската запирка е постојан камен на сопнување во граматиката на англискиот јазик, при што Американците се за неа, а Британците главно против. Се работи за втората запирка во оваа реченица, пред и-то: "She took a photograph of her parents, the president, and the vice president." Да не е запирката демек ќе испадне дека нејзините родители се претседател и потпретседател. Но најмалку една работа им боде очи на познавачите на делото на Керуак - спомнувањето на книгата „Др. Сакс". Зошто? Затоа што таа е напишана во 1959, а инцидентот наводно се случил во 1968.
Ова е почетната точка на разоткривањето на „лажниот фејсбук фолклор" во врска со овој случај од страна на новинарот на Атлантик, Алексис Мадригал. Тој до оваа спомен плоча дошол собирајќи различни приказни за исти такви низ САД и правејќи радио емисии за нив. Емисијата, во случајов прилично симболично, се вика - „Читај ја плочата".
После прилично детална потрага по изворот на „измамата", која станува особено очигледна ако се знае и дека Бароуз никогаш во животот не бил во Лоувел, и дека не постои објект кој се вика „Лоуел Атенеум", Мадригал открива дека во градот постои објект кој се вика Мил број. 5 (или воденица број 5), кој се реновира за во негo да има театар, јога студио, ресторан и библиотека. Во текст за оваа зграда во Бостон Глоуб напишан во април оваа година, убаво се вели дека една од просториите ќе се вика „Ловел Атенеум", и ќе вклучува збирка на РАЧНО НАСЛИКАНО ПСЕВДО-ИСТОРИСКИ ПЛОЧИ од историјата на Нова Англија. Oп!
Оваа, за Бароуз и Керуак, значи е само една од таквите плочи, која била направена за да се привлече внимание кон реновирањето и да се соберат доволно средства. Книгата „Д-р Сакс" е ставена затоа што голем број луѓе имаат изјавено дека ја читале (а очигледно не е така), а расправата за оксфордската запирка исто така не е случајна - авторите сакале да ја потенцираат разликата помеѓу двајцата битници, едниот со поформално образование (Бароуз учел на Харвард), другиот самоук, кој сакал да ги става под знак прашање граматичките конвенции, па и оваа за запирките.
Добро. Но што е со луѓето кои ја виделе оваа слика на Фејсбук и нивните реакции? На страницата на Мил број 5 неа ја виделе 3,683 луѓе, и има 2,544 споделувања. За Твитер и Тамблер не знаеме, но сигурно била и таму. Од 320-те коментари на оргиналниот пост, само пет души се запрашале за нејзината автентичност. Петорица!
Ако нешто не учи оваа статија тоа е, по кој знае кој пат, да не веруваме на сè што ќе видиме или прочитаме на интернет. Дури и за најобичен цитат, сто пати повторен, човек би требало да се запраша чиј е. Некогаш тоа и не е толку важно. Но во светлина на толкав број извртени факти од животот на двајца познати писатели (како и во случајот Дикенс/Достоевски за кој веќе пишувавме), оние кои ја споделиле фотографијата верувајќи во нејзината автентичност треба сериозно да си го повторат градивото. Или пак да почнат од самиот почеток.