„Еmber months“ (последните четири месеци во годината) и „severally" (неколкупати, повторливо) се меѓу новите зборови вклучени во Оксфордскиот речник на англискиот јазик, кои му припаѓаат на нигериско-англискиот идиом.
Потегот е дочекан со поделени мислења во поранешната британска колонија со вкупно население од 200 милиони, кои зборуваат на повеќе од 250 јазици. Англискиот е официјален во оваа полиглотска средина и на него се одвива настава во училиштата.
Но она што голем број Нигеријци го очекувале било формализација на „пиџин“ - мешавина на локалните јазици и на англискиот кој според нив е посебен јазик. Иако можеби со добри намери на „инклузивност“, вака потегот се свел само на додавање на нигериско-англиски зборови во речникот на „колонизаторот“. Имено, 29-те нови зборови од страна на уредниците на ова издание се опишани или како „заемки од нигериските јазици“ или како „специфични нигериски кованици“.
Од средината на минатиот век домородни писатели во своите дела почнале да внесуваат зборови од секојдневниот говор. Според нигерискиот консултант кој работел на вклучувањето на новите зборови во речникот, ова е признавање на нивното постоење, а не начин речникот да ги подучува Нигеријците како да си го зборуваат јазикот.