Кога Мануел Нориега, воениот диктатор од Панама, бил симнат од власт од страна на американските сили, за да го избегне апсењето се засолнил во папската „амбасада" во Панама сити. Во моментот кога еден американски генерал пристигнал да преговара со абасадорот, армијата на САД почнала да пушта многу гласна музика од звучници, за да ги спречи новинарите да слушнат за што се зборува. Вработените оперативци задолжени за психолошки притисок тогаш одлучиле дека постојаната музика може да го изнервира Нориега, и да го поттикне тој да се предаде. Дознале дека сака опера, па намерно му пуштале хард рок и тоа директно низ прозорецот на собата каде бил сместен. Песните пренесувале заканувачки, понекогаш потсмешливи пораки, како онаа на Алис Купер „Нема веќе г-дин Фин".
Иако медиумите уживале во спектаклот, тогашниот американски претседател Буш и генералот Колин Пауел не биле воодушевени. Буш ја нарекол кампањата „иритирачка", а Пауел наредил да запре. Нориега во меѓувреме воопшто немал проблеми со спиењето, меѓу другото и затоа што претходно имал минато низ посебна обука за издржување психолошка тортура.
Сепак, од тогаш употребата на звучници и музика во вршење притисок на оние од „другата страна“ е зголемена. Ваквата тактика во повеќе наврати ја имаат употребено ФБИ, ЦИА и израелските воени сили. Во Гвантанамо, на пример, затворениците биле соблекувани до долна облека, врзувани за столици и заслепувани од трепкачки светла, при што им бил пуштан хеви метал, рап и - детски песни.
Кога музиката се применува на овој начин тоа иритира, бидејќи изгледа како да се нарушува природата на оваа уметност, која би требало да спојува, ослободува и да може да го припитоми и најстрашниот ѕвер. Даваме отпор на доказите дека музиката може да поттикне бес, да го замати разумот, да предизвика болка, па дури и да убие. А тоа е така, особено со технолошкиот напредок и дизајнот на звучниците, кои добиваат сè поинвазивни својства.
Во книгата „Екстремно силно: звукот како оружје" Жулиет Волклер детално ги прикажува обидите за производство на сонични уреди кои можат да ги оневозможат непријателските сили или да растурат толпа. Таканаречените „звучни топови" емитуваат пусирачки тонови од 149 децибели - доволно за трајно оштетување на слухот. Полицијата употреби такви при демонстрациите на Окјупај вол стрит во 2011 и во Фергусон, Мисури во 2014. Постои и комерцијален апарат наречен „Комарец" кој емитува звуци во опсег од 17,5 до 18,5 килохерци, фрекфенција што можат да ја слушнат само помладите од 25 години, па оттаму е наменет за растурање на толпи млади луѓе.
Нацистите се сметаат за пионери на музичкиот садизам, иако звучниците повеќе биле употребувани за да се задушат криците на жртвите отколку за нивно мачење. Во филмот на Хичкок од 1940, „Странски дописник", нацистистички шпиони мачат еден дипломат со многу јаки светла и свинг. Можеби соничното испитување е холивудска фантазија која мигрирала во реалноста. Но ваквиот тип на мачење е забележано и во текот на Студената војна, со оглед на тоа што се вклопувало во концептот на „мачење со недопирање", односно такво кое не остава физичка трага. Целосната тишина и воопшто манипулацијата со звуци доведувало до дезинтеграција на личноста на измачуваниот. Програмите од 1950-тите кои ги обучувале американските војници и оперативци да издржат тортура имала музичка компонента, а плејлистата наводно ја вклучувала авангардната (и неподнослива) Дијаманда Галас.
Ваквиот тип на доаѓање до информации во САД е авторизиран во 2003, од страна на генералот Рикардо Санчез, со меморандум во кој се вели дека „дерење, гласна музика и контрола на светлина може да се искористи за да се поттикне страв, дезориентација и шок".
Сите овие, и куп други примери за употреба на музиката „за лошо", детално наведени во текст во Њујоркер, покажуваат дека наместо да ја отфрлиме музиката како таква, едноставно треба да го отфрлиме митот за нејзината невиност. Признанието дека таа може да стане инструмент на злото значи да се земе сериозно една форма на човечко изразување, заклучува текстот.