Писателот со нежно срце

Успиената мачка на Хемингвеј

Деновиве почнаа да се појавуваат „компромитирачки" информации за Хемингвеј, главно во форма на до сега непознати преписки помеѓу него и негови блиски пријатели, кои го прикажуваат во сосема спротивна светлина од онаа на мачо писателот - алкохоличар, со камено срце.

Кураторката на колекцијата на Хемингвеј, која се чува во библиотеката Џ.Ф.Кенеди, посочува на неколку нови писма во збирката, меѓу кои и едно во кое тој трогателно опишува како морал да си ја успие мачката. Во 1953., мачката Вили, или вујко Вили, била удрена од автомобил, па со оглед на тежината на повредите докторот советувал еутаназија. Прво некој друг се нафатил на задачата, но Ернест не сакал „Вил да знае дека некој го убива". Тој ја зел пушката, и токму тогаш налетале некои туристи:

„Ја држев пушката и им објаснував дека дошле во незгодно време, и ги замолив да си одат. Но богатиот кадилак психо рече - 'Не, ние дојдовме во најинтересниот момент. Баш на време за да го видиме големиот Хемингвеј како плаче затоа што мора да убие мачка'". „Го понижив колку што можев.", вели Хемингвеј за типот, без да оди во детали. „Некогаш морав да пукам во луѓе, но никогаш во некого што го сакав 11 години, и кој предеше дури и со две скршени нозе".

Папа Хемингвеј бил голем обожавател на мачки. Во 1945 имал 23, кои биле третирани како божества - тој и неговата жена ги нарекувале „предечки фабрики" и „љубовни сунѓери". Потомци на овие мачки се уште живеат во старата куќа на Хемингвеј во Ки Вест, Флорида, која е сега музеј. Ги има едно педесет, од кои половина се полидактилни - имаат еден или два прста повеќе од вообичаеното. Писателот ги сакал токму овие, откако ваква, повеќепрстна мачка му подарил некој поморски капетан. Токму затоа за овие мачки се користи терминот „мачката на Хемингвеј".

30 март 2012 - 09:18