Арманд Д'Ангур, музичар и предавач по класични јазици на Оксфорд, се обидува да ја врати во живот загубената музика на древна Грција - да ги открие инструментите кои ја свиреле, и да ги слушне зборовите во нивниот соодветен контекст. Како што се наведува во текст на Би-би-си на оваа тема, често се заборава дека делата кои стојат во основата на западната книжевност - еповите на Хомер, љубовните песни на Сафо, трагедиите на Софокле и Еврипид - биле всушност создадени за да се пејат, придружени со лира, дувачки и ударни инструменти.
Најинтересното во овој процес е откривањето на ритамот, кој е конзервиран во самите зборови, во шемите на долги и кратки слогови. Инструментите од друга страна се познати од слики и од археолошки остатоци. Што се однесува до системот на нотација, тој според истражувачите е создаден околу 450 година пред нашата ера, и се состоел од букви од алфабетот и знаци поставени над самогласките на грчките зборови. Сепак, споредбата со западните музички системи не е баш најсоодветна за опишување на оној на древна Грција, туку подобра паралела се традициите на Индија и Блискиот Исток.
Инструментални практики кои потекнуваат од древна Грција се уште опстануваат во делови од Сардинија и Турција. Некои од сочуваните мелодии (врежани во мермерни столбови или напишани на папирус) веднаш влегуваат во модерното уво. Една од нив, која датира околу 200-та година од нашата ера, е со следниве стихови:
Додека си жив треба да сјаеш,
никогаш не дозволувај лошо расположение.
Имаме краток живот за минување,
времето нужно си има крај.
Од Хомер пак дознаваме дека бардовите од неговиот период си ги пееле песните придружени со четирижичана лира, наречена „форминкс". Професор Мартин Вест од Оксфорд го реконструирал пеењето на Хомер врз истата основа. Резултатот е прилично монотона мелодија, која веројатно ја отсликува еволуцијата на рецитирањето, од такво придружено со музика, до нејзино потполно отсуство.
Еве аудио парче од изведба на песна откриена на камени написи: