Лота Сонинен минала долго време работејќи во финската издавачка индустрија, уредувајќи прирачници за „позитивност“, наменети да им помогнат на на нејзините сограѓани да излезат на крај со долгите и мрачни зими. Книгите со кои се занимавала секогаш барале од читателот да најде радост во малите нешта и да гледа на светлата страна на работите. Отпрвин тие ѝ биле симпатични, но по некое време целата таа „шајни-хепи“ филозофија ѝ скиснала. Почнала да замислува антидот на позитивните мисли - книга која ќе се занимава со секојдневните фрустрации и нервози, која ќе биде лута и гневна.
Така е родена „Малата книга на лоши расположенија“ со поднаслов „Биди најлошата верзија од себе“. Таа е книга со активности кои овозможуваат да се жалиме, да бидеме лути и да ги кажеме гласно работите кои инаку се снебиваме да ги изречеме. Една од таквите вежби на пример, е правење список на тоа што тргнало наопаку оваа недела, со категории „стандардни проблеми“ и „неочекувани катастрофи“, или пишување писмо на бившиот/бившата за кои се уште мислите дека се крвопии.
Книгата на Сонинен е дел од освежувачки нов тренд во изданијата за самопомош, односно анти-самопомош: „Како да држиш лутина“ од Софи Хана (за која пишувавме тука), „Љубов за несовршените нешта“ од Хаемин Суним и „Супер е да не те бива за нешто“ од Карен Риналди, овие книги ни порачуваат дека нема ништо лошо во негативните чувства.
И покрај тоа што авторката го пишувала прирачникот пред се за Финците, многу бргу станало јасно дека лошото расположение е универзално - сега книгата е издадена во 30 земји, меѓу кои Индонезија, Кина и Јапонија.