Оние мали или големи лутини кои често ги чувствуваме се „фасцинантен дел од човечкото искуство“, вели Софи Хана во нова книга „Како да држиш лутина: од презир до задоволство“. Тие се некој вид заштитни механизми, затоа што ако некој заслужил да му се налутиш, тоа е предупредувачки сигнал дека со него или со вашиот однос нешто не е во ред. Истовремено, тоа ни овозможува да си го задржиме достоинството, и да не ја преминеме линијата после која можеби би биле искористени или изманипулирани доколку не би ни се активирал механизмот на лутината.
Доколку ги елиминираме конфликтот и лутењето од нашите животи, тогаш заедно со нив го елеминираме и моралното просудување. Додуша, ако пак сме екстремно строги и кон себе и кон другите, тогаш нема баш многу да се офајдиме како социјални животни. Списокот кај шампионите во држење лутина само се полни, а тешко или никако не се празни. Па и оние повеликодушните во простувањето, дури и искрено да го прават тоа, не значи дека забораваат - само даваат уште една шанса.
Хана сугерира дека секој треба да си има „шифоњер полн лутина“ во кој ќе ги чува своите повредености, и од време на време ќе им се навраќа. За да видиме дали и колку сме успеале да ги надминеме (и потоа да ги фрлиме во првиот контејнер), или само да ги проветриме, да им ставиме лаванда против молци и повторно да ги складираме.
Ова е книга за самопомош, но според критиката на моменти премногу иронична за да може да биде искористена во реални животни ситуации. Ама и некако логично - луѓе што чуваат многу лутина во шкафот стануваат токму такви, иронични. И потоа се лутат и на самите себеси.