На 26 април 1988, Валери Легасов, поранешен раководител на истрагата во врска со Чернобилската катастрофа, снима касети со неговата верзија на настаните. Ги крие лентите надвор од дома, а потоа си го одзема животот со бесење. Првата реченица од сценариото е замислена како цитат од овие негови мемоари - „Колкава е цената на лагите? Таа не се состои во тоа дека ние по грешка ќе мислиме дека тие се вистина. Реалната опасност е дека ќе слушнеме толку многу лаги, што веќе нема да можеме да ја препознаеме вистината“.
Вистинскиот Валери Легасов навистина снимил вакви ленти, иако тие не ја содржат наведената изјава. Транскрипти од петте ленти (на руски) се објавени тука, иако од моментот кога се откриени до денес и тие ја минуваат истата судбина којашто ја опишува фиктивниот Легасов - според неговата ќерка Инга, помеѓу оние вистинските на интернет се шири и по некој фабрикуван транскрипт.
Освен тоа, реалниот Валери Легасов малку се разликувал од оној кој толку успешно во серијата го игра Џеред Харис (Mad Men, The Crown). На пример, тој не живеел во ергенски стан само со мачка, туку имал семејство, кое никогаш не се појавува во серијата. Дознал за несреќата во Чернобил од извештај поднесен на состанок на партиски функционери и директори (а не од телефонски повик среде ноќ). Студирал физичка хемија, а не нуклеарна физика, а докторатот го одбранил на 36 годишна возраст, што се смета за голем успех во советскиот академски систем. Предавал на Московскиот институт за физика и технологија и станал член на советската Академија на науки, во одделението за физичка хемија и технологија на неоргански материјали. И покрај тоа што атомската физика не била негова тесна специјалност, станал прв заменик директор за научна работа на Институтот за атомска енергија Курчатов, а подоцна и главен специјалист за несреќата во Чернобил.
Актерот Харис изјавил дека било тешко да се подготви за улогата, затоа што официјалната историја речиси го избришала Легасов од своите досиеа, па тој и немал многу материјал врз кој би се потпрел, освен споменатите транскрипти и пар видеа во кои е забележан начинот на однесување и говорење на научникот. Причината за ова е што Легасов и покрај сета опасност од тоа да кажуваш вистина среде тоталитарната СССР одлучил да го стори токму тоа - да ги посочи вистинските виновници за несреќата - луѓето кои го воделе безбедносниот тест таа кобна ноќ, да ги предупреди своите колеги-научници на опасноста која демне од останатите реактори доколку тие не бидат дополнително обезбедени и да ја разоткрие целата нечесност на системот, кој штедел на материјали притоа изложувајќи ја на ризик целата нација (а како што ќе се покаже подоцна, и половина свет).
Како што објаснува креаторот на серијата Крег Мазин во едно од интервјуата, со режисерот Јохан Ренк одлучиле дека актерите нема да зборуваат на англиски со лажен руски акцент, ако веќе не зборуваат руски. Неговата цел била да ги прикаже сите трагедии кои се случиле во Чернобил: научната, политичката, емоционалната и личната, и дека за поефективно пренесување на оваа порака некои од ликовите и настаните морале да претрпат извесно прилагодување. Она што сепак не е измислено е самоубиството на Легасов, симболично, на двегодишнината од катастрофата, а кое предизвикало шок во советската академска заедница. Инспирирана од него, таа добила на сила да бара реформи во начинот на кој биле градени и обезбедувани реакторите. Во 1996 тогашниот руски претседател Јелцин постхумно му доделил титула Херој на Руската федерација заради „храброста и хероизмот“ која ја покажал во истражувањето на катастрофата, иако многумина ова го сметаат за задоцнет чекор.
Еден од многубројните коментари по повод серијата е дека Русите требало први да се сетат да направат филмувана верзија, како начин пост-советските нации да покажат дека си ги научиле лекциите. Истовремено, се спори околу детали во сценариото и во сценографијата, на пример модерните ПВЦ прозорци во руските згради кои се појавуваат во кадрите; тоа дека заменикот премиер не можел да му се закани на Легасов дека ќе го фрли од хеликоптер (сепак станува збор за 1986 а не за 1936); дека руските рудари би требало да се луди да пијат вотка во рудникот; војниците кои ги обезбедуваат го држат оружјето во американски стил (вертикално покрај телото) а не во советски, преку градите; дека Советите во осумдесетите веќе не се нарекувале едни со други „комрад“ освен на состаноци на комунистичката партија. Но сето ова сепак не ја доведува во прашање целовитоста и пораката на серијата, на која дел од руските новинари реагираат со згрозеност, затоа што таа наводно ширела „русофобија“ и ги критикувала сегашните руски нуклеарни проекти. Пораките се сепак универзални: за моќта и последиците од нејзината злоупотреба и за човечката психа која е соочена со неочекувани ефекти на технологијата. Сега приказната за Чернобил многумина ќе ја знаат само од серијата, раскажана дури 33 години подоцна.
Види претходно: Сведоштвата од Чернобил на Светлана Алексиевич