Блумберг регистрирал 137 договори за набавки на вакцини преку кои државите во светов резервирале девет милијарди и шестотини милиони дози вакцини од разни произведувачи.
Тоа би било доволно да се вакцинира преку половина од светската популација (бидејќи за повеќето вакцини се потребни две дози) доколку тие резерви би биле рамномерно распоредени. Се разбира дека не се. Богатите (а и снаодливите) имаат акумулирано и повеќе отколку што им треба а некои земји ќе треба да чекаат до 2022 година (или подоцна!) за да добијат доволно вакцини за успешна вакцинација на своите луѓе.
Според податоците и интерактивната мапа на Блумберг, според тоа какви и колку договори имаме, ние сме во една група на „шуто и рогато“ земји кои обезбедиле покривање на само 5% од населението а во која ќе најдете блескави држави како Мијанмар, Гамбија, Џибути....
Ако мапата покажува дека Македонија има вакцини за 104.000 луѓе, малку десно со курсорот па за Бугарија покажува дека таа има договори за 16 милиони луѓе, односно за 231% од своето население.
Што се однесува до самите вакцини, долго време шампион беше АстраЗенека која во претпродажба обезбеди пласман за 1,5 милијарди дози но после некои студии и негативни мислења (види: АстраЗенека никој не ја чека) таа е во дефанзива пред конкурентите од Новавакс, Фајзер, Спутник....
Не сите вакцини се покажаа делотворни. Од семафорот Блумберг извадиле 51 милион дози од австралиската вакцина која не ги мина клиничките тестирања а и други кандидати како Санофи, Мерк и ГлаксоСмитКлајн имаат проблеми да ги поминат овие рампи.
Државите имаа разни стратегии за доаѓање до вакцини (оние држави кои ИМАА стратегија). САД имаат ексклузивни договори, Карлос Слим помогна да се обезбедат аранжмани за Јужна Америка, земји како Русија и САД се кладеа на сопствените вакцини а некои се надеваат на Ковакс, системот на СЗО за распределба на вакцини. На пример, Гана од Ковакс деновиве доби 600.000 вакцини.
И додека нашиве „зналци“ прашувале „сојузници“ дали би им пречело да набавиме и руска и кинеска вакцина (па овие им рекле кршете бе глава, што сакате правете), Канада има договори со дури седум различни производители на вакцини.
А што би рекла Шеќеринска (во Битола би ја викале Рада Капаро), можевме и да не ви ја пренесеме оваа вест и да ви понудиме линк до неа.