Сексот, генерално не е лоша работа. Тоа го знаеме и ние и природната селекција. Во животинскиот свет постојат видови кои одвреме навреме се размножуваат асексуално, но, кај овие женски тоа прашање е подигнато на принципиелно ниво.
Се работи за безрбетник kој се има откажано од секс најмалку пред 80 милиони години. И си тера така. Од типот ротифера, име bdelloid (се изговара без б) немаат во свое друштво ниедно машко но функционираат беспрекорно, како на женски фризер.
Перманентно се асексуални и продуцираат ќерки клонови кои генетски се идентични на мајките. Делоидите беа ужасен проблем за биoлозите кои ја толкуваат еволуцијата кои долго време се мачеа да објаснат како тие преживеале без клучната стратегија која сите останати ја практикуваат.
Наталија Станчева и колегите од Кембриџ сега тврдат дека го имаат одговорот.
Сексуалните животни имаат пар копии од секој ген, со минимални разлики меѓу нив. Еволуцијата кај делоидите ја има раздвоено судбината на овие копии, па тие добиваат два гена "за иста цена". Тајната веројатно лежи во нивната умешност да присвојуваат ДНК од други видови со кои се хранат. Главно отпадоци од бактерии и алги а ѕверкиве голтаат сè што е помало од нивната глава.
Сексот отсекогаш и насекаде ја збогатува различноста. Секоја единка добива по пар гени од родителите и со нивно мешање се добиваат потенцијално нови квалитети. Оттука, се верува дека бесполните видови се осудени на изумирање заради недоволната генетска разновидност и кумулирање на мутациите. Делоидите некако успеале да ја избегнат ваквата судбина и да развијат околу 400 подвидови со карактеристики кои ги прават мајстори за преживување.