Да свртиш телефон од сабајле и да им јавиш на работа дека не ти е арно едно време значеше дека можеш да се покриеш преку глава и да продолжиш да спиеш, без оглед дали си навистина болен или не.
Но земањето слободен ден заради една ваква, навидум банална причина, станува лукзус. И „боледување“ како термин како поретко да се слуша, а кога ќе се употреби главно сугерира сериозна ситуација. Во високо компетитивни средини (или во оние кои сакаат да се прикажат како такви) достапноста на вработените е дел од условите за работа, нешто што не смее да биде попречено од заруменет нос, висока температура и малаксаност. Така, наместо да се концентрираат на сопственото закрепнување и јакнење на имунитетот, кој патем можеби е нарушен токму од напорната работа, тие и болни работат од дома.
Ова само навидум е порелаксирана варијанта на м`кнењето до работа, но сепак подразбира очекувања да се провери и одговори мејл, да се биде присутен на конференциски повик (па макар и во пижами) и генерално да се биде продуктивен во ситуација кога не ти е до ништо. Луѓе одговараат на службени повици и на пораки дури и во лекарските чекални.
Ова се прави дури и без инсистирање на работодавецот, за да не се „заостане“ или поради солидарност со колегите кои не се доволно на број за некој да упадне на помош во ваква ситуација. Кај некои вработени постои и генерална анксиозност и вина доколку се отсуствува, а притоа човек не е на смртна постела.
Некои компании во светот ја заменуваат терминологијата, па „болниот ден“ (sick day) сега се вика „ден за итни потреби“, што остава и поголем простор за приватност и може да вклучи различни ситуации кои бараат присуство и фокус на вработениот, а кои го спречуваат истовремено да работи. Ова превенира и разни преправања и лажења дека некој е болен, кога само му треба малку време за себе.