Во анализата на Њујорк тајмс се опфатени полошите од ПМ честичките, оние од 2,5. Според американската државна агенција за заштита на околината, воздух со добар квалитет се смета оној што има до 12 микрограми ПМ2,5 честички на кубен метар во период од 24 часа.
Годинава загадувањето во Скопје ја достигна границата од 189 микрограми на метар кубен, ниво што се води како „многу нездрав“ воздух и е претпоследно на скалата за квалитет на воздух. Последно е екстремно лош квалитет на воздухот.
За да им биде појасно на тамошните читатели, Њујорк тајмс воздухот во Скопје го споредува со воздухот во Калифорнија за време на масовните пожари во кои загинаа 85 луѓе и изгореа 19.000 објекти:
„Споредете го тоа со воздухот во Калифорнија минатата година, кога дебела покривка од чад од пожарите ја прекри Заливската област (Сан Франциско, Сан Хозе, Оукленд и уште неколку градови). За време на пожарите во кои изгореа цели шуми и населби во областа, воздухот достигна загаденост од речиси 200 микрограми на метар кубен (наспроти 189-те на Скопје за добро утро), со што влегува во опсегот на ’многу нездрав’ кога на луѓето им се препорачува да не излегуваат од дома.“
Ако има некоја утеха и за нас и за нив, тоа е дека Њу Делхи на најзагадениот ден од минатиот месец достигнува 900 микрограми.
Објаснувајќи за ПМ2,5 честичките Њујорк тајмс пишува дека тие можат да ги избегнат одбранбените механизми на нашиот организам, и да навлезат длабоко во белите дробови, па дури и во крвотокот. За нив веќе се знае дека ја влошуваат астмата и другите болести на белите дробови, и го зголемуваат ризикот од срцев напад и мозочен удар.
Кај децата, ПМ2,5 честичките се поврзани со проблеми во развојот. Кај возрасните со когнитивни ограничувања, предвремено породува и новороденчиња со ниска килажа.
Се проценува дека 4,2 милиони смртни случаи во 2015 се должат на загадување на воздухот.