Седми триумф на Денвер во низа, седми трипл-дабл на Јокиќ

За Никола Јокиќ, кошарката е едноставна игра. Тој и кога нема ден, стигнува до трипл-дабл, како што беше ноќеска на мечот против Минесота, на кој настапи со здравствен проблем.

Нагетси ја совладаa Минесота со 123:112, за седма победа по ред и скор од 10:2, натпревар од кој Јокиќ не е задоволен од својата игра, но и покрај тоа стигна до трипл-дабл.

За него тоа е седми сезонава, која ја почна многу моќно, со 27 поени, 12 скока и 11 асистенции. Негативен податок во неговата игра беа шесте изгубени топки.

Србинот го следеа дури тројца играчи со 23 поени, тоа се Гордон, Хардевеј и Мареј.

Кај поразениот тим, Едвардс и Рендл беа најпрецизни со по 26 поени, а Рид постигна 19 поени од клупата.

16 ноември 2025 - 08:32