Се сменаја адутите

Староста е новата младост

Заборавете го сексот и дрогата - ако на своите почетоци рокенролот ја славеше младоста, со сите нејзини предизвици, сега, како што стареат неговите херои, тој почнува да се занимава со поинакви теми.

„Се надевам дека ќе умрам пред да остарам", испеа Роџер Далтри од Ху во песната „Мојата генерација" од 1965. Пит Таузенд, кој тогаш имаше 20 години, ги напиша овие стихови одразувајќи го доминантното расположение на една генерација адолесценти, кои не размислуваа за иднината, туку ја живееа бурната сегашност. И навистина, голем број рок херои, од Џенис Џоплин до Ејми Вајнхаус, умреа на 27.

Но во 2012, кога рокерите кои ги преживеаа предизвиците на сопствената младост се соочуваат со постепеното стареење и неодминливата смрт, работите почнуваат да се менуваат. Умор, сведување на сметките, меланхолија, сето тоа одеднаш станува важна тема која погодува многумина кои на почетоците на рокенролот беа млади и безгрижни, и мислеа дека тоа ќе потрае. „Уште не е темно" на Боб Дилан од 1997., која ја напиша на 56 години, ја сигнализираше оваа промена на светогледот на една цела генерација. Дилан резигнирано гледа како „времето бега", одмарајќи си ги коските во некаква претсмртна капела, каде „уште не е темно, ама кај и да е...(ќе стане)".

Крајот на кариерата на Џони Кеш е типичен пример за тоа што може да направи еден музичар соочен со фактот дека веќе нема време и желба за правење компромиси - серијата албуми која започна со American Recordings (1994) и продолжи да се издава и после смртта на Кеш, е брилијантна мешавина на искуството, мудроста и помирувањето со сопствената минливост.

Леонард Коен, со неговите 78 најстариот граѓанин на рокот, се спушти од будистичкото засолниште во планините со овогодишниот албум „Стари идеи", чии мрачни длабочини се речиси библиски.

Поп музиката сè уште е опседната со младоста. Но збрчканите лица на Кит Ричардс, Дилан и Кеш повеќе му прилегаат на рокенролот. Тој, веројатно, нема никогаш да умре. Но сега ни помага да се помириме со тоа што ние секако ќе завршиме така.

УШТЕ НЕ Е ТЕМНО, АМА КАЈ И ДА Е...

Боб Дилан

Сенките се спуштаат, а бев тука цел ден
Премногу е топло за спиење, времето бега
Чувствувам како душата да ми станала челик
Уште ги имам лузните кои сонцето не ги залечи
Нема доволно простор да се биде воопшто некаде
Уште не е темно, ама кај и да е..

Моето чувство за човештвото отиде по ѓаволите
Зад секоја убавина се криеше некој вид болка
Таа ми пиша писмо, и го напиша толку нежно
Го ставила на хартија она што го мислела
Не гледам зошто би ми било гајле
Уште не е темно, ама кај и да е...

Бев во Лондон, и сум бил во 'веселиот Париз'
Ја следев реката и стигнав до морето
Се спутив на дното на светот полн лаги
Не барам веќе ништо во било чии очи
Понекогаш едвај си го поднесувам товарот
Уште не е темно, ама кај и да е...

Роден сум тука, и ќе умрам тука против моја волја
Знам дека изгледа како да се движам, ама стојам в место
Секој нерв во моето тело е толку празен и тап
Не можам да се сетам од што бегав доаѓајќи овде
Не слушам ни жагор од молитва
Уште не е темно, ама кај и да е...

2 јули 2012 - 12:55