Откако со децении сите учени и приучени водеа хајка против мастите и холестеролот, во последно време се повеќе нутриционисти почнаа вината за проблемите со дебелина да ја вратат кон шеќерот, кој сега е присутен во речиси секое можно јадење, без разлика дали тоа било благо или солено.
Освен кај дебелите, шеќерот сега се води како осомничен и за здравствените проблеми на слабите, кај кои без никакво дискриминирање почнува да предизвикува серија болести, вклучувајќи и рак.
Паралелно со се поголемото трубење за штетноста на шеќерот, почнаа да се појавуваат и докази како индустријата за шеќер со години ја стишува опасноста од ризиците од негово консумирање, во корист на сопствениот профит, "претворајќи ја современата западна исхрана во најзасладената исхрана во човековата историја".
Како основа на ова последново можат да послужат и следните просеци:
- Просечниот возрасен Американец консумира 22 лажички шеќер на ден (преку најразлична храна што содржи шеќер - сокови, сосови, благо, пецива, овошни јогурти, енергетски барови...).
- Просечното дете во Америка консумира 32 лажички шеќер на ден (преку истото од горе).
- Светската здравствена организација препорачува само 6 лажички дневно.
Индустријата за шеќер комплетно ја копира агресивната тактика на тутунската индустрија, и со децении успешно одолева на сите напади дека користењето шеќер е штетно.
Ова почнува уште во 1960-те, кога, според неодамна откриените документи, тие на тројца нутриционисти од Харвард им плаќаат 6.500 долари на ден (во денешни пари тоа е 50.000 долари), за да ја свртат вината од шеќерот на мастите. По ова нутриционистите од Харвард заклучуваат дека "без сомнеж" најдобар начин да се спречат срцеви заболувања е да се намали внесот на холестерол и масти.
Следен чекор е агресивна маркетинг кампања која се протега низ 1970-те, и чија главна цел е да се убедат Американците дека шеќерот всушност помага во слабеење со тоа што го потиснува апетитот. Кампањата, помогната со работа на научници од Харвард, на своја страна го придобива и Американското кардио здружение, кое го додава шеќерот како дел од здравата исхрана. Милиони Американци ја прифаќаат исхраната без масти и многу шеќер, а консумацијата на шеќер во периодот од 1977 до 2010 се зголемува за 30%.
"Шеќерот е насекаде. 80% од храната во супермаркетите го содржи. На пример, интегрален леб може да содржи и до една лажичка шеќер по кришка; кечапот на Хајнц е 22,8% шеќер, што е два пати повеќе отколку Кока-кола.
Како што ги преплавуваме нашите тела со шеќер, така стануваме само позависни. Студија од 2016 заклучува дека шеќерот го освојува мозокот активирајќи го неговиот систем за награди, што го тера телото да бара повеќе и повеќе. Шеќерот може да создаде поголема зависност и од лесните дроги, објаснува научникот за кардиоваскуларни заболувања, Џејмс Диниколантонио, според кого 'кога ќе ги погледнеш животинските студии кои споредуваат шеќер со кокаин, дури и ако глувците си ги навлекол на интравенозно земање кокаин, кога ќе им дадеш шеќер, речиси сите се префрлаат на шеќерот,'" се објаснува во текстот објавен во Вик.