Не сите ковид вакцини се создадени еднакви

Бразил се жали на кинеската вакцина КоронаВак, од која во светот веќе се нарачани 380 милиони дози. Австралиските научници пак имаат сомнеж околу Оксфорд/АстраЗенека вакцината. И во двата случаи спорна е декларираната стапка на ефикасност на вакцините.

КоронаВак првично беше објавено дека има ефикасност од 78% со што е во посакуваната зона на успешност, меѓутоа бразилските испитувања покажале дека ефикасноста на вакцината била едвај нешто над 50%, што е на долната  граница на ефикасност препорачана од СЗО. До сега најмалку 10 држави имаат нарачано вкупно 380 милиони дози од КоронаВак.

Кина до сега ја промовираше вакцината како „важна алатка во борбата против пандемијата во сиромашните држави кои немаат обемна здравствена инфраструктура“. Главната предност на КоронаВак вакцините е што тие не мора да бидат замрзнати како вакцините на Фајзер и Модерна кои треба да се чуваат на температура од -70 степени Целзиусови.

За разлика од најголемиот дел од останатите вакцини против корона, КоронаВак се базира на „постара технологија“ која користи хемикалии за слабеење или убивање на вирусот, кој потоа е ставен во вакцината со цел да започне создавање на антитела кај примателот. Тука проблемот е што процесот на убивање на вирусот може да ја намали потентноста на вакцината, што би резултирало со пократка или послаба имунитетна реакција. Ова пак би значело дека на државите кои ја користат КоронаВак ќе им биде потребно подолго време за да постигнат „имунитет на стадо“.

Во исто време група австралиски научници ја повикаа  австралиската влада да ја ревидира својата стратегија за ковид-19 имунизација, заради загриженоста дека Оксфорд/АстраЗенека вакцината „не е доволно ефикасна за да создаде групен имунитет“.

Според нив владата треба да бара дополнителни залихи од Фајзер и Модерна вакцините, кои на досегашните испитувања се покажало дека имаат повисока ефикасност од британската Оксфорд/АстраЗенека вакцина. Дел од научниците препорачуваат одложување на почетокот на имунизацијата со британската вакцина, што е одбиено од властите во Канбера.

Австралија има нарачано 53 милиони дози од Оксфорд/АстраЗенека вакцината, која на тестирањата има постигнато просечна ефикасност од 70%, меѓутоа според австралиските научници просекот по ревакцинацијата е многу повеќе околу 62%.

Властите имаат нарачано и 10 милиони дози од Фајзер вакцината, која на испитувањата има ефикасност од над 90%.

14 јануари 2021 - 10:15