Џон Бонано е клинички психолог на Универзитетот Колумбија, и шеф на Лабораторија за загуби, трауми и емоции. Тој веќе 25 години ја проучува токму отпорноста, онаа емотивната, но и нејзината спрега со физичката. Неговата теорија се потпира на следново: сите поседуваме ист основен систем на реакција на стрес, кој се развивал милиони години, а којшто го имаат и другите животни. Поголемиот број луѓе прилично ефикасно го активира кога се соочува со стрес. Но зошто некои почесто или поуспешно го користат во споредба со други?
Бонано заклучил дека перцепцијата е еден од најважните елементи на отпорноста - дали самите толкуваме некој настан како трауматичен, или како прилика за нешто да научиме и да се развиваме како личности.
Да земеме на пример нешто страшно, како што е неочекувана смрт на близок пријател - сигурно ќе бидеме тажни, но ако најдеме начин тој настан да го конструираме како исполнет со значење, можеби ќе станеме посвесни за некоја болест и за луѓето во слична ситуација како нашиот пријател или неговото семејство. Отпорните поединци многу почесто зборуваат за некој несреќен настан како за извор на духовна и верска поддршка - таквото значење не е инхерентно, вградено во настанот, тоа зависи од психолошката конструкција на личноста, односно од начинот на којшто го конструираме значењето на тој настан за нас.
Добрата вест е дека ваквиот тип отпорност се учи. Можеби при првата изложеност на несреќен настан ќе реагираме побурно, но ако го имаме на ум овој заштитен механизам, следниот пат помалку емотивно ќе реагираме. Тоа не значи дека ќе ги репресираме чувствата, туку дека едноставно нив подобро ќе ги „регулираме".
Секако, можна е и регресија, од поголема кон помала отпорност, и тоа е опасност којашто ја подразбира нашата човечка природа - склона кон грижа и опсесија. Дури и оние кои ги познаваме како „јаки" карактери можат во еден момент да прснат, ако нивниот емоционален имунитет е намален, или ако исчезнала некоја нивна важна животна поддршка. Затоа, колку што човек работи на себе, толку треба да ги негува и врските со оние кои се можен извор на неговата отпорност, а колку што е можно да ги избегнува оние кои го нагризуваат неговиот емоционален штит, правејќи го психолошки поизложен на „вирусот" на траумата.