На најосновно ниво ефикасност од 50% значи дека вакциниран човек има 50% помали шанси да се разболе во споредба со сличен на него, но невакциниран. Меѓутоа ефикасноста некои ја мерат и според тоа колку е вакцината успешна во спречување на хоспитализација или смрт на заразен човек. Ова второто е потешко да се измери затоа што до старт релативно мал број на луѓе заразени со ковид-19 стануваат критично болни.
„Па наместо тоа, примарна цел на најголемиот дел од испитувањата на пациенти од доцна фаза се насочени кон мерење на пошироката ефикасност на вакцината во однос на лабораториски потврдени ковид случаи со какви било симптоми, вклучувајќи и лесни,“ пишува Џејсон Гејл во текстот за Блумберг.
Првите две западни вакцини, на Бионтек/Фајзер и на Модерна имаа стапка на ефикасност од 95 и 94%. Што значи дека случаите на ковид меѓу учесниците во испитувањето кои примиле вакцина биле намалени за толкав процент во однос на оние кои добиле плацебо. Ефикасноста на вакцината на Астразенека е 66,7%, а на вакцината на Новавакс е 89,3%. Сите овие до сега се даваат во две дози, додека вакцината на Џонсон и Џонсон која се дава како една доза има ефикасност од 66,9%.
Освен западните има и 4 вакцини од Кина и по една од Индија и Русија, и тоа со следната ефикасност:
- Синовак (Кина) - 50,4% во Бразил, 83,5% во Турција.
- Синофарм груп (Кина, Пекинг) - 79,3%.
- Синофарм (Кина, Вухан) - 72,5%.
- КанСино (Кина) - 65,7%.
- Барат биотек (Индија) - 81%.
- Спутник V (Русија) - 91,4%.
Колку сите овие бројки се точни е потешко да се утврди отколку што е нивното цитирање. Вообичаено независните рецензии на вакцините објавени во научен журнал се сметаат за „златен стандард“. Меѓутоа ова правило беше нарушено или не беше запазено заради краткиот рок во кој беа извадени, тестирани и пуштени вакцините.
Само неколку од вакцините го минуваат процесот на објава во научен журнал, а бројките за другите се добиени од соопштенија за јавност, текстови во државни медиуми и се уште неофицијализирани анализи, изработени од научници кои не биле исклучени од процесот на создавање.
Друг проблем е што горе наведените проценти не се директно споредливи, главно затоа што тестовите не се спроведени според исти критериуми или кај иста група на луѓе:
- Вакцините се тестирани во различно време и на различни места. Тоа значи дека интензитетот на епидемијата и мерките против нејзе, како носење маски, може придонеле во разлики околу ефикасноста на вакцината во различни земји.
- Ковид-19 со тек на време мутираше и создаде варијанти кои се поопасни. Па генерално првите вакцини што излегоа требаа да се покажат поефикасни против помалку опасните видови на ковид.
- На вакцините им треба време за да работат, а во различните студии е опфатен различен период.
- Некои студии ги исклучуваат, а некои ги вклучуваат учесниците со претходни болести што може да влијае на крајните статистики. Пример, Новавакс имаше понизок процент на успешност во Јужна Африка бидејќи во тестирањето беа вклучени и ХИВ-позитивни лица.
На прашањето „дали бројките можат да лажат?“ одговорот на Блумберг е ДА, „посебно ако не се разберат податоците од клиничките тестови на кои тие се базираат“.
„Иако ефикасноста е дадена како една бројка, таа обично е точка на процена која се базира на опсег, или ’интервал на увереност’ дека научниците се 95% сигурни дека тоа точниот број. Кај вакцината на Модерна во која на 30.420 волонтери по рандом им се дава или вакцина или плацебо, опсегот е меѓу 89,3 и 96,8 проценти. Кај вакцината на Астразенека овој опсег е значително поголем и изнесува меѓу 57,4 и 74 проценти.
Во секој случај, испитувањето на сите вакцини не е комплетно затоа што немаше доволно време за да се надополнат бројките и да се разбере нивната ефикасност на долг рок. Најдобар начин со висок степен на сигурност да се утврди како една вакцина се покажува во однос на друга е двете да се споредат во исти услови. Такви испитувања еден ден ќе бидат спроведени,“ пишува Гејл.
Блумберг го интересира „што е поважно отколку бројката за ефикасност“. А тоа го сведува на неколку работи:
- Колку е соодветна:
+ Колку вакцината одговара на локалните варијанти. Од мутацијата што доминира во одредени региони зависи и успехот на некоја од вакцините. Џонсон и Џонсон на пример има ефикасност од 72% во САД, меѓутоа само 64 во Јужна Африка каде е доминантен јужноафриканскиот сој. Една друга анализа покажа дека вакцината на Астразенека не ги заштитила учесниците на тестовите од јужноафриканскиот сој.
+ Колку вакцината одговара на примателот. Самата ЕУ во јануари крена галама околу Астразенека бидејќи не била сигурна колку вакцината врши работа кај лицата постари од 55 години. Иако европскиот регулатор дозволи вакцинирање за сите возрасти, поединечни европски влади ја блокираа и ограничија употребата кај постари лица.
+ За разлика од Астразенека, вакцината на Бионтек/Фајзер се поврзува со мал број на случаи на сериозна алергиска реакција за која е потребна медицинска помош, па сомнежот е дека лицата кои се склони кон таква реакција би можеле да имаат проблем со некоја од состојките во вакцината.
- Дозирање:
+ Сите освен вакцината на Џонсон и Џонсон, бараат две дози. Можноста за вакцинирање со само една вакцина значително го олеснува товарот врз здравствениот систем и заради побрзата вакцинација на населението, и логистички и по бројот на луѓе што треба да бидат ангажирани.
- Ладење:
+ Најкомплицирана за превоз и чување е вакцината на Бионтек/Фајзер која бара да биде сместена на -70 степени Целзиусови, заради што глобално ќе мора да се набавуваат посебни фрижидери. Откако ќе биде одмрзната, таа мора да биде употребена во рок од неколку дена. За разлика од нејзе, вакцината на Модерна може да се чува во обичен замрзнувач и тоа цели 30 дена.
+ Астразенека може да биде транспортирана и да се чува во обичен фрижидер најмалку 6 месеци. Кинеските Синовак и Синофарм, и индиската Коваксин може да се чуваат во стандарден фрижидер до три години, што ги прави овие вакцини подобри кандидати за земји кои немаат доволно голем капацитет на замрзнувачи.
- Цена:
+ Нема официјален ценовник, туку крајниот исход зависи од бројот на вакцини, кој ги нарачува, од каде, за кога и слични услови.
+ Од тоа што се знае е дека Модерна е најскапа со цена меѓу 25 и 37 долари за доза. За Бионтек/Фајзер ЕУ плаќа 14,7 долари за доза, САД 19,5 а Израел 30 долари за доза.
+ Далеку поевтини се Џонсон и Џонсон кој за една вакцина на ЕУ и наплаќа 8,5 долари, додека Астразенека за својата вакцина од ЕУ наплатила 2,15 долари по доза, додека истата вакцина на Јужна Африка и ја има продадено за 5,25 долари по доза.
„Експертите за јавно здравје велат дека, барем на почетокот, најдобра вакцина е таа што е достапна. Меѓутоа како што залихите ќе престанат да бидат ограничување, веројатно е дека карактеристиките ќе почнат да доминираат, пример вакцината со една доза ќе биде најдобра за оние кои не можат да се враќаат. Меѓутоа на терен најдобро ќе се покаже која вакцина најмногу одговара за која популација,“ пишува Гејл.