Кој, колку милијарди ќе направи од ковид-19 вакцините

На Фајзер, кој постои од 1849, ова не му е прва епидемија, и некако успеа да има добитен кандидат во трката со вакцини (Бионтек) и со речиси 80.000 вработени минатата година имаше нето профит од 9,6 милијарди долари. Ама ги има и други.

Фајзер/Бионтек
иРНК вакцина

Вакцината е финансирана од Фајзер меѓутоа е развиена од германски Бионтек и се базира на модификувана информациона РНК - задолжена за испраќање на генетски инструкции од ДНК до машинеријата задолжена за создавање протеини во клетките. Ова е првата одобрена вакцина на Западот и мора да се чува на ултра ниски температури од минус 70 степени Целзиусови. До сега владите низ светот имаат нарачано 780 милиони вакцини од Фајзер, од кои САД 200 милиони а ЕУ 300 милиони. Додека околу 40 милиони одат за сиромашните нации преку Ковакс.

САД ја купува по цена од 39 долари за 2 дози, а ЕУ за околу 30 долари за две дози.

Врз основа на сегашните договори Фајзер/Бионтек очекуваат дека во 2021 ќе продадат вакцини во износ од 15 милијарди долари. Доколку успее да го дуплира производството, како што тврди дека може, крајните приходи би можеле да бидат 2 пати повисоки.

Во изминатите 12 месеци вредноста на акциите на:

- Фајзер порасна за 1,8%

- Бионтек порасна за 156%

 

Модерна
иРНК вакцина

Целосно американската вакцина исто така се дава во две дози и треба да се чува на температура од -20 степени Целзиусови. Најголем нарачател на Модерна е ЕУ со 310 милиони дози, па САД со 300 милиони, Јапонија 50, а Британија 17 милиони дози. За двете потребни дози Модерна им наплаќа на САД по 30 долари, а на ЕУ по 36 долари.

Модерна во 2021 очекува дека ќе има продажба од околу 18,4 милијарди долари, што е за околу 1 милијарда пониско од предвидувањата на аналитичарите.

Во изминатите 12 месеци вредноста на акциите на Модерна порасна за 372%.

Најголем ќар од сето ова имаше групата инвеститори кои ја поддржуваат компанијата од нејзиното основање во 2010. Првиот човек на компанијата, 48-годишниот Французин, Стефан Бансел, моментално поседува 9% од акциите кои вредат речиси 5 милијарди долари.

 

Џонсон и Џонсон
Аденовирус вакцина

За сега ова е единствената вакцина за ковид-19 од која се дава само една доза, и е развиена од Јансен дивизијата на компанијата во Белгија. Оваа вакцина користи аденовирус-26, ретка варијанта на вирусот на настинка. Во САД е одобрена кон крајот на февруари и може да биде сместена во стандарден фрижидер најмалку три месеца. Најголемите нарачки се од
Ковакс, каде треба да испорача 500 милиони дози но до крајот на 2022, ЕУ нарачала околу 400 милиони дози, САД 100 милиони со опција да купат уште 200 и Британија 30 милиони со опција да купи уште 22.

Нивните процени се дека 2021 ќе ја завршат со испорака на 1 милијарда дози, кои ќе им донесат 10 милијарди долари.

Во изминатите 12 месеци вредноста на акциите на Џонсон и Џонсон порасна за 7,7%.

 

Астразенека
Аденовирус векторска вакцина

Вакцината што доаѓа од Универзитетот Оксфорд користи модификуван вирус на настинка од шимпанзо и може да се чува во стандарден фрижидер. Виралните вектор вакцини користат неопасен вирус за да испорачаат генетски код до клетките. Тука големите нарачки се од ЕУ (околу 400 милиони), САД (300 милиони) и Британија (100 милиони вакцини).

Очекувањето е дека Астразенека годинава ќе има продажба од 1,9 милијарди долари, а во 2022 до 3 милијарди долари. Бројката за годинава би била повисока доколку Астразенека успее да го постигне својот таргет од 3 милијарди дози. Компанијата вети дека за време на пандемијата вакцината ќе ја продава без профит по цена меѓу 4,3 и 10 долари за 2 дози.

Во изминатите 12 месеци вредноста на акциите на Астразенека падна за 8,6%.

 

Синовак
Вакцина со неактивен вирус

Уште од минатото лето вакцината на Синовак беше одобрена за инта употреба во неколку кинески градови, а на почетокот од февруари годинава беше одобрена од кинескиот регулатор. На списокот нарачатели, освен домашните, се и држави со мултимилионски популации како Бразил, Чиле, Турција, Сингапур, Малезија и Филипини. Во јануари Турција и Индонезија започнаа вакцинација со оваа вакцина, а најавено е дека тие ќе испорачаат 10 милиони вакцини за Ковакс нациите.

Синовак тврди дека годинава може да испорача над 1 милијарда дози. Цената на вакцината во некои кинески градови е 60 долари за две дози, додека од Индонезија објавуваат дека нарачале 40 милиони дози по цена од 27,2 долара за две дози.

Во изминатите 12 месеци вредноста на акциите на Синовак падна за 21,6%.

 

Гамалеја институт
Аденовирус вакцина

Иако не е одобрена од регулаторот на ЕУ, Унгарија и Словачка веќе купија Спутник V вакцини, а освен нив над 50 држави ја имаат нарачано. Астразенека тестира вакцинирање со две дози во комбинација со Спутник V вакцината.

Исто како за кинеската, и тука не е јасно колку пари би се направиле, меѓутоа има потенцијал да бидат милијарди долари. Од Рускиот фонд за директни инвестиции за Фајненшл тајмс изјавуваат дека имаат потпишано договори со 15 производители од 10 држави кои ќе можат да произведат 1,4 милијарди дози. Потенцијалните производители изјавуваат дека би можеле да наплатат по 20 долари или помалку за две вакцини на светскиот пазар, меѓутоа во Русија ја обезбедуваат бесплатно.

8 март 2021 - 12:49