Кинези вратиле нов вид бактерија од вселената

Бактерија што живее во канализација и предизвикува сепса се протнала во вселенска станица и мутирала во нова сорта, прилагодена на најсурови услови за живот. Кинезите сега ја анализираат во лаборатории за да откријат дали може да ја искористат за идни вселенски мисии или за заштитни обвивки. Сè уште не е утврдено дали новата бактерија го загрозила здравјето на астронаутите.

Нова бактерија, досега невидена на Земјата, е пронајдена во брисеви од кабината на кинеската вселенска станица Тиангонг собрани пред две години од екипажот на мисијата Шенжу-15. 

Утврдено е дека новата бактерија Niallia tiangongensis е блиска роднина со Niallia circulans, која обично живее во почвата, канализацијата и храната, се размножува со спори и може да предизвика сепса кај пациенти со намален имунитет.

Се претпоставува дека поминала низ неколку клучни мутирања за да се прилагоди на средината во вселенската станица. Развила гени што ги кодираат одговорите на оксидативниот стрес, ги ревитализираат оштетувањата од радијација и ѝ дале уникатна способност да разградува желатин, како извор на азот и јаглерод. 

Во лаборатории во Пекинг и во Шангај сега се спроведуваат испитувања дали мутирањата може да бидат корисни за идни мисии во вселената. За споредба, сè уште нема податоци за истражувања дали новата бактерија го загрозила здравјето на астронаутите. 

Разбирањето на карактеристиките на микробите за време на долготрајните мисии во вселената е од суштинско значење за заштита на здравјето на астронаутите и за одржување на функционалноста на вселенските летала, се наведува во студијата.

Истражувачите истакнуваат дека способноста за разградување желатин може да се употреби за изработка на биослоеви што даваат заштита во сурови средини.

Нови бактерии беа пронајдени и во „чистата соба“ на американската НАСА во кои се подготвувала мисијата Марс феникс. Откриени се 26 нови сорти што мутирале за да преживеат во стерилни услови.

21 мај 2025 - 15:24