Сончевата светлина се мали пакетчиња енергија во облик на фотони. Без разлика дали имате тен од тип 1 како Никол Кидман или од тип 4 како Ријана, ултравиолетовите зраци може да предизвикаат оштетувања на кожата. А УВ зраците, според брановата должина се делат на УВА (320-400 нанометри) и УВБ (280-320 нанометри) зраци.
Нашата кожа е перфектно структуирана да ја апсорбира енергијата од УВ зраците. Ама енергизираните молекули мора некако да се смират па доаѓа до сложени хемиски реакции. Некогаш овие ефекти се сметаа за добредојдени адаптации, денеска се препознаваат како опасност. Тенот е резултат од зголемите дози на екстра меланин кој организмот го произведува кога е провоциран од УВА зраци. Изложеноста на сонце покренува и една цела природна анти-оксидантна мрежа која ја има кожата. Таа мрежа ги деактивира слободните радикали и реактивните оксидантни супстанци. Значи, ок.
Не ок е кога УВА зраците (кои продираат подлабоко од УВБ зраците) доаѓа до поткожните слоеви колаген и го уништува, па кожата ја губи еластичноста и мазноста што доведува до брчки. А она горењето од почетокот на приказната е од УВБ зраците.
На англиски полесно е за памтење: она А запамтете го како aging (старење) а B како burning (горење).
За среќа, постојат триста чуда од мазалици кои, ако правилно се користат, нудат заштита. Таа се сведува на заштитен слој на кожата кој содржи или апсорбери (хемиски филтри) или одбивачи (физички блокатори).
Истражувања покажуваат дека луѓето ги преценуваат па ги користат или ретко или недоволно. Во просек, за мачкање на тело е потребно да истурите доза колку што собира чашка за текила а за лицето и вратот доза како да имате пет-денарка на дланката.
А проблем е во невоедначеноста во заштитата од двата типа УВ зраци. Имено, контроверзната но сепак попедантна од нашите служби, ФДА (американската агенција за храна и лекови) има одобрено 14 молекули кои штитат од УВА зраци но само две молекули кои штитат од УВБ зраци.
Притоа, комбинациите се бескрајни па во некои едните може да им пречат на другите, а во некои да си помагаат. На пример, ако во составот на вашата мачкалка има и avobenzone и octinoxate, не чини, бидејќи првиот го ослабува вториот (кој е апсорбер на УВБ зраци).
Да не тупиме. Запомнете дека постои и сенка. Ако веќе не можете или не сакате под сенка, запомнете ја чашката текила и пар други општи правила: не под 15 фактор, мачкање на секои два часа и после секое бањање.
А најдобро да ве мачка жената. Така не само рак туку ама баш ништо нема да фатите.