Во февруари состојбата во Јужна Кореја изгледа прилично драматично. На 16 февруари, 61-годишна жена со треска влегува во црква во градот Даегу, каде седи со уште околу 1.000 други верници во просторија без прозорци. Неколку часа подоцна си заминува од таму и зад себе остава трага од болеста која ќе доведе до илјадници нови инфекции, започнувајќи ја една од најголемите експлозии на ковид-19 во светот.
До крајот на февруари, Јужна Кореја го има најголемиот број на пациенти со ковид-19 во светот, надвор од Кина. На неколку денови бројот на заразени се зголемува за два пати, а аптеките остануваат без маски. Повеќе држави воведуваат забрана за летови и патување во и од Јужна Кореа со цел да ги заштитат своите граѓани. Една од нив е и САД каде во тоа време бројот на смртни случаи од ковид-19 е доволно мал за да може да се изброи на една рака.
Кога изгледаше дека е на раб од катастрофа, Кореја успеа под рачна да го запре вирусот. Владата од црквата во Даегу ја побара листата на сите нивни членови. На сите до еден им е наредена само-изолација, а за неколку денови илјадници жители на Даегу се тестирани. Најсериозните случаи се испратени во болница, а оние поблагите завршуваат во привремените единици за изолација. Владата користи комбинација од интервјуа и телефонски податоци за да ги открие контактите на новите пациенти и за да им нареди на тие пациенти да се само-изолираат.
Во рок од еден месец епидемијата во Јужна Кореја е зауздана, па во првите две недели на март бројот на нови случаи паѓа од 800 на ден, на 100 (6-ти мај беше трет ден по ред без ниту еден нов домашен заразен). Во меѓувреме, на 15 април земјата одржува и парламентарни избори со најголема излезност во последниве три децении, без да предизвика нов бран.
Иако не е единствена држава на која и успева да ја стиши епидемијата, тоа е посебно достигнување имајќи ја предвид близината со Кина и тоа што бројот на нови случаи е намален за 90% од пикот.
Наспроти ова се САД, кои во март имаат отприлика 90 починати од вирусот, речиси исто како и Јужна Кореја. Во месец април на Јужна Кореја и умираат 85 лица од ковид-19, додека на САД им умираат 62.000 жители, во просек по 85 на час.
„Тоа што САД имаат 6 пати поголем број на жители од Јужна Кореја не помага многу за да се ублажи ужасот на оваа споредба,“ пишува Дерек Томсон во Атлантик.
Друга работа што ги разликува двете страни е што Јужна Кореја од секоја претходна слична масовна епидемија (САРС 2002, Н1Х1 2009) излегува со апгрејдувано здравство издигнато на нивото на својата последна најголема закана.
Сето ова само се зацврстува во 2015 со појавата на МЕРС, кога земјата „го пишува упатството со кое ја поразува ковид-19 епидемијата“. МЕРС во земјата го носи еден бизнисмен кој со треска се враќа од Блискиот Исток. Тој посетува неколку клиники, за на крај да е хоспитализиран со пневмонија. Додека да му дијагностицираат МЕРС, болеста се шири низ клиниките и болниците што тој ги посетува. За неколку седмици болеста го преплавува болничкиот систем на земјата.
„МЕРС беше застрашувачки за Корејците, бидејќи болеста се ширеше низ преполни болници и нивните чекални. Луѓето се разболуваа, ама тие исто така беа исплашени да отидат во болница од страв дека тоа дополнително ќе ги разболе,“ објаснува Скот Снајдер од корејските студии на Советот за дипломатски односи.
Корејската влада прави неколку страшни грешки, па во првите денови од епидемијата нема доволно достапни тестови, плус владата одбива да сподели во кои болници се шири заразата, дополнувајќи го стравот и паниката.
Сите овие драми ја тераат Јужна Кореја одново да го постави целиот систем за спречување на ширењето на заразни болести. Тестирањето се забрзува, лабораториите добиваат зелено светлo за користење на неодобрени тестови во случај на вонредна состојба. Здравствените власти без судски налог смеат да ги прегледуваат надзорните камери и податоците за геолокација од телефоните на новите пациенти.
Денес стратегијата на Јужна Кореја за реагирање на ковид-19 се базира на три столбови:
- Брзо и бесплатно тестирање.
До средината на февруари (кога Британија се надева во групен имунитет, а Трамп предвидува дека вирусот ќе го снема за неколку недели), Јужна Кореја прави илјадници тестови дневно. До 5 март тие тестираа 145.000 граѓани, повеќе од САД, Британија, Франција, Италија и Јапонија, заедно.
За да не се преплават болниците, Корејците отвораат 600 центри за тестирање и воведуваа „драјв-тру“ тестирање.
- Сеопфатна технологија за следење.
Освен стандардното интервјуирање на новите пациенти, за тоа каде, кога и со кого биле, Кореја на располагање има и цел технолошки апаратус за следење на поединците, воведен со закон по МЕРС.
Пример, ако во Сеул се утврди дека дента имало Х нови случаи, здравствените власти можат да го проверат нивното движење на сајтот за дистриктот во кој тие живеат. На сајтот секој пациент е идентификуван според нивниот пол и возраст. Плус има информација дали нивните куќи биле дезинфицирани, дали имале контакти со други и дали цело време носеле маска.
- Задолжителна изолација за сериозните случаи.
Пациентите во земјата се поделени во неколку групи. Старите и тие со сериозни болести одат директно во болница. Умерено болните се испраќаат во изолациски центри каде се следат. Од асимптоматичните „контакти“ на неодамна дијагностицирани се бара сами да се стават во карантин и дома да користат засебни купатила, кујнски прибор и пешкири. Во меѓувреме здравствените служби два пати на ден ги проверуваат нивните симптоми.
За лицата што влегуваат во земјата е одредена мерка 2-неделна самоизолација, а тие треба да симнат и апликација на која ги регистрираат сопствените симптоми во деновите по пристигнувањето.
Процената на експертите е дека овој троножец на јавното здравје во земјата е стабилен затоа што постои и доверба меѓу владата и јавноста.
„Луѓето делумно и веруваат на владата и затоа што таа активно ја држи на страна политиката од јавното здравје,“ пишува Томсон.
За таа цел дневните брифинзи на министерството за здравство ги држат научници, а не политичари. Или како што тоа го објаснуваат во примерот со САД, „замисли да имаш брифинг во 10 часот и во 14 часот од Белата куќа, со др. Фаучи наутро, а др. Брикс на пладне, и без ниту еден претставник од Белата куќа.“
За возврат владата има доверба во граѓаните дека ќе постапат одговорно и „ќе бидат партнери во јавното здравје“. Заради ова во земјата никогаш не беше воведен полициски час, ниту компаниите и рестораните целосно затворија, ниту граѓаните беа присилени да останат дома.
„Никогаш немаше полициски час и се уште нема. Но граѓаните сами си преземаа одговорност да останат дома. Бевме многу внимателни да си ги миеме рацете и да држиме дистанца. Речиси секој носеше маска. Ако не носиш маска, те гледаат чудно на улица,“ објаснува консултантот од Сеул, Пол Чои.
За тоа како земјата толку брзо се мобилизира, Чои објаснува дека граѓаните веднаш се сетиле на МЕРС и на претходните епидемии, „знаеме дека ова е маратон, но ние сме во подобра позиција затоа што целото општество е во ова, борејќи се заедно.“