Израелски тим собира податоци за ефектот од засилувачот (земјата одобри трета доза за сите над 12 години) кај лица над 60 години. Станува збор за 1,1 милион луѓе кај кои најмалку 12 денови имало 11 пати пониска стапка на заразување и речиси 20 пати пониска стапка на развивање сериозна болест, во споредба со лицата кои примиле само 2 дози од вакцината.
Научниците од Еврејскиот универзитет на Ерусалим признаваат дека нивните резултати се прелиминарни, објаснувајќи „не можеме од сегашна гледна точка да кажеме што ќе се случи на долг рок.“
Проблемот е што станува збор за научно комплексно прашање, делумно затоа што заштитата од заразување е суштински поразлична цел од заштита од хоспитализирање и смрт.
Антителата се првиот одбранбен фронт од зараза, меѓутоа малку е веројатно дека вакцините ќе можат некогаш долгорочно да заштитат бидејќи антителата што настануваат како резултат на вакцините неизбежно се намалуваат со тек на време.
Меѓутоа кога организмот еднаш ќе се запознае со вирусот и ќе го стави во својата имунолошка меморија, на него ќе му бидат потребни неколку дена да реагира и да го одбие нападот, но тој останува робустен во месеците по првичната имунизација.
Тука е клучниот проблем на стратегијата засилувачи (3-та и понатаму дози) што алатките за спречување на хоспитализација и смрт веќе ги имаме на располагање, меѓутоа ако целта е да се спречи пренесување на болеста, државите ќе бидат заглавени во бескраен циклус на давање засилувачи за вакцината.
„Ако мериш според заразувањето, веројатно ќе ти треба засилувач на секои шест месеци, што е нереално и неостварливо.
Мене не ми е гајле за случаите со симптоми, мене ми е гајле за сериозно заболените,“ објаснува експертот за заразни болести на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, Питер Чин-Хонг.
Бројките за заштита од Израел значително се подобруваат како што се намалува возраста на вакцинираните, меѓутоа тоа не е од голема утеха за лицата над 60 години кои најмногу се надеваа од заштитата од трета доза. Дел од експертите и понатаму ја преиспитуваа потребата од засилувачи кај младите луѓе заради балансот меѓу ограничената корист од трета вакцина и ризикот од нус-појави како згрутчување на крвта и срцеви проблеми.
Наводно постојаното стимулирање на одбранбениот систем на телото може да доведе и до „имунитетска истоштеност“, и влегувањето во циклус на давање засилувач на секои 6 месеци може да почне да работи против нас.
„Вакцините остануваат моќна заштита против сериозно заболување и хоспитализација кај најголемиот дел од луѓето во сите студии до сега објавени, наведуваат експертите. Меѓутоа вакцините изгледаат помалку потентни против заразување кај луѓето на сите возрасти, посебно кај оние изложени на високо заразната делта варијанта,“ пишува Апрува Мандавили во текстот за Њујорк тајмс.
Она што го покажува израелската студија е дека 3-та доза ја засилува заштитата кај возрасните на неколку седмици, но не индицира дека тоа има долгорочен бенефит.
Третата доза за сега е крајно спорна и во научни кругови. Од една страна Фаучи и највисоките медицински советници на Бајден притискаат Американците да почнат да се вакцинираат и со трета доза, од друга се СЗО вели дека за сега нема потреба и ги замоли светските лидери да се воздржат од давање трета доза, и двајца американски научници што го предводат одделот на ФДА за вакцини, кои најавија дека есенва ја напуштаат агенцијата делумно заради гнев што американската администрација притиска за 3-та доза пред федералните истражувачи да можат да ги рецензираат доказите.
Овие двајца научници како дел од меѓународна група научници обајвија труд во Лансет во кој анализираат десетици студии и заклучуваат дека светот ќе има многу повеќе корист ако достапните дози вакцина се користат за заштита на луѓето низ планетава кои се уште не се вакцинирани, отколку за трета доза.
Нивниот страв е дека додека САД почнат да даваат трета доза, кај милијардите невакцинирани низ светот ќе се создаде нова и поопасна мутација на вирусот, која можеби ќе може да ги избегне сите досегашни форми на имунитет и за која сме целосно неподготвени како човештво.
Самиот делта сој настана во Индија кога меѓу стотиците милиони невакцинирани Индијци почна да се шири британскиот сој. Епидемијата во Индија се случуваше во исто време кога индиската влада го молеше САД и светската заедница да ги ослободат патентите за вакцини и да дозволат производство на нивна генеричка верзија, како побрзо би се вакцинирале што повеќе луѓе низ светот.
Освен САД, британските научници во вторникот препорача давање на трета доза на лица над 50 години, а истото го разгледуваат и Франција, Германија, Данска и Шпанија.