Вака неочекувано позитивните резултати на студијата се должат на тоа што децата во оваа средина развиле далеку поголем број разнолики микроби на својата кожа и во стомакот, отколку оние кои си играле на бетонски/павер/чакал игралишта.
Научниците тргаат од „хигиенската хипотеза“ според која на Западот има константен раст на автоимуни болести (како астма, дијабетес тип 1 и мултипл-склероза) затоа што тамошните деца се изложени на далеку помалку микроби отколку во минатото.
Иако до сега имаше статистички врски меѓу изложеноста на разнолики микроби и добро развиен имунитетен систем, ова е прва студија која намерно ја менува средината за играње на децата и со тоа наведува на причинска врска.
„Ова се одлични резултати. Голем број нарушувања што се во подем меѓу западните урбанизирани популации се должат на дефект во механизмите што го надгледуваат имунитетниот систем. Студијата покажува дека изложување на децата на биолошки разнолика природа подобрува неколку биомаркери кои се клучни механизми за контрола,“ објаснува професорот Грем Рук од Универзитетскиот колеџ Лондон.
Децата кои се следат во студијата се меѓу 3 и 5 години, и се поделени во 10 градинки. Во четири има „жива“ зелена средина вклучително тло земено од шума, мали грмушки, боровници и мов кои се распределни на некогаш празните бетонски игралишта. Децата во просек минуваат по 90 минути надвор и се поттикнати да си играат со земјата и растенијата.
По 28 дена со ваква програма, тестовите покажале дека разноликоста на микробите на кожата на децата била за третина повисока отколку кај оние што и понатаму си играле во дворови со чакал и асфалт. Исто така било значително зголемена и разновидноста во цревата на децата.
Истата финска екипа научници што ја објавува студијата во Журналот на научни напредоци, сега работи на тоа како може да ги зголеми микробите во песочните игралишта за деловите од светов во кои не расте шума и растенија.