Станува збор за маски кои по сите лабораториски стандарди се каде, каде понапредни од сите оние маски за една употреба или платените маски што се пуштени во оптек. Меѓутоа во ситуацијава, слабоста на маските со вентил е токму вентилот кој е направен да спречува влез на најразлични честички, но не и излез.
Се работи за еднонасочен вентил кој се затвора кога вдишуваш за патогените да не можат да минат низ него. Меѓутоа кога издишуваш тој се отвора и дозволува се од тебе да излезе од маската.
Па, иако обична памучна маска не е ни приближно ефикасна во спречување на честичките вирус да влезат и излезат, (а хируршките маски се создадени за да ги заштитат пациентите од кашлање и кивање, не од патогени во воздухот), кога на која било маска ќе го додадеш вентилот, таа не го филтрира твојот здив ни колку памукот.
„Твојата уста во основа е отворен издув,“ пишува Марк Вилсон во Фаст компани.
Вентилите обично се наоѓаат кај Н95 маските, кои ги има со и без вентил. Овие маски се појавуваат кон крајот на 1970-те, и тоа за потребите на рударите, индустриските и градежните работници низ САД, а не за медицината. Таму намената им е да го спречи вдишувањето на најразлични штетни честички од воздухот во кој работат. Меѓутоа затоа што носењето вакви маски без вентил е прилично физички напорно и неподносливо на подолг период, подоцна им се додаваат вентили кои го олеснуваат нивното носење.
Проблемот со вентилите е добро познат во медицината, па американските здравствени власти уште од 1990-те препорачуваат болниците да не користат Н95 маски со вентил.