И ти не сакаш да купиш флаширана вода, ама живот мил

Рекламите за флаширана вода прават таа да изгледа побезбедно и почисто од обична вода од чешма, а тоа е повеќе од доволно за да се скорнат сите наши стравови од умирачка.

Бројните студии кои покажуваат дека водата од чешма на најголемите светски пазари за флаширана вода е поздрава отколку пакуваниот производ, речиси инстантно бледеат кога ќе се соочат со моќните и упорни рекламни кампањи на гигантите што продаваат вода во шише.

Бројките се дека Канаѓаните во 2018 ќе потрошат 2,6 милијарди долари на вода во шише, додека нивните соседи од југот во 2016 на ова имаат потрошено 16 милијарди долари.

Стефани Кот од Универзитетот на Ватерлу работи на студија која се занимава со „психологијата зад популарноста на флашираната вода,“ што треба да открие „зошто Канаѓаните ги трошат своите пари на флаширана вода, кога Канада има извонредна вода од чешма?“

Студијата анализира 21 маркетинг кампања за флаширана вода „низ призмата на теоријата за менаџмент на страв“. Оваа теорија тврди дека ние го потиснуваме нашиот свесен и несвесен страв од смрт со тоа што создаваме позитивен поглед на светот и верувања кои ги држат на дистанца нашите егзистенцијални стравови. Овие мерки пак влијаат на нашето однесување, самодоверба и перспектива.

Според ко-авторката на студијата, Сара Вулф, рекламите на оваа индустрија во најголем дел се потпираат на брендирање, славни личности и емоции што прават добро да се чувствуваме, и обично имаат голем успех кај луѓе „што себе си се вреднуваат врз основа на физичкиот изглед, нивото на физичка подготвеност, материјално и финансиско богатство, и статус.“

Во рекламите се користат различни пристапи во зависност од групата на која тие се обраќаат. За родителите се нагласува чистотата на водата и отсуството на загаденост. За оние што внимаваат на здравјето, има цени на физички подготвени луѓе кои трчаат или спортуваат.

„И во најголем дел поентата е иста: флашираната вода претставува: здравје, чистота, обновување и безбедност,“ пишува Стивен Лехи во текстот за Мадерборд.

 

5 февруари 2018 - 16:27