Се работи за Медицинскиот центар на Универзитетот во Небраска, која уште од појавата на САРС во 2003 се опремува и обучува за справување со нови вируси. Центарот го има единствениот федерален оддел за карантин и најголемиот оддел за спречување на ширење на био-зарази каде во 2014 беа сместени најтешко заболените од Ебола. За целиот персонал имаат изработено детални планови за во случај на пандемија, и постојано се вежбаат најразлични сценарија за пандемија. Токму УНМЦ беше болницата во која во февруари беа пренесени голем број од ковид позитивните Американци од патничкиот брод Дајмонд принцес.
Во изминатите две недели цела една зграда од болницата беше претворена во „ковид-19 кула“ од доле до горе. Моментално има 10 ковид-19 оддели, и секој од нив зафаќа цел болнички спрат. Три од спрата се за случаите за кои е неопходна интензивна нега, а на еден се дава само „комфорт нега“ за ковид-19 пациенти за кои е сигурно дека ќе умрат.
„Никогаш не сме требале да правиме ништо вакво. Се наоѓаме на апсолутно катастрофален пат,“ изјавува докторката специјалист за заразни болести, Ангела Хјулит, која раководи со ковид-19 тимот на болницата.
Кога новинарот на Атлантик во средината на март разговара со раководните луѓе на болницата, кога Небраска има само 18 позитивни случаи, тие звучат самоуверено порачувајќи „сигурна сум во тоа што имаме план“. Еден од столбовите на ваквата увереност е што тие се надеваат дека болницата никогаш нема да стигне до полн капацитет, затоа што „луѓето правилно ќе реагираат и ќе останат дома.“ Ова едно време се остварува па во првиот дел од годината САД ја израмнуваат кривата.
Денес Небраска секој ден има по 2.400 позитивни тестови, или во просек 20% од сите тестирани.
Во рок од 12 денови вкупниот број на потврдени случаи во Небраска порасна од 82.400 на 109.280. Ова значи дека и онака критично полните капацитети на тамошните болници ќе бидат заплискани од плима од нови случаи во следните десетина денови.
Докторите со кои е разговарано, објаснуваат дека вината паѓа на властите, кои летниот период не преземале сериозни мерки за спречување на вирусот, „колку сакаме можеме да се подготвуваме за нов и нов бран од пациенти, ама не можеме да се подготвиме за цунами.“
Во пракса, преполните капацитети значат дека ковид-19 пациентите чија состојба се влошува мора да чекаат за да влезат во преполното одделение за интензивна нега. Пациентите кои не можат да дишат мора да чекаат колку и да е потребно за сестрата на другата страна од болницата да ја соблече својата заштитна облека, да дотрча, и повторно да облече заштитна облека. Неодамна имаат случај во кој пациент на кој состојбата рапидно му се влошувала и требало да биде интубиран, морал да чека заедно со собраните доктори, бидејќи сите анестезиолози биле зафатени со интубирање на четири други пациенти на интензивна.
„Кога ќе дојде моментот на целосна исполнетост пациентите со ковид-19 нема да умираат само заради вирусот, туку и затоа што болниците веќе нема да имаат каде да ги стават и нема да има кој да им помогне. Докторите ќе мора да одлучуваат кого да го стават на вентилатор или на машина за дијализа.
Тие ќе мора да изберат дали да напуштат цела група на пациенти на кои не може да им се помогне на друго место,“ пишува Ед Јонг во текстот за Атлантик.