Дали пак ќе се крстиме во бесеже вакцина?

Коронавирусот најмногу ги погоди најразвиените земји. Една од работите кои им е заедничка е дека, заради проценка дека болеста е искоренета, го имаат укинато универзалното вакцинирање против туберкулоза, болест некогаш позната како офтика.

Во бучавата од (полу)информации околу коронавирусот, релативно незабележана помина веста дека постои значајна корелација меѓу вакцината за туберкулоза и сериозноста на воспалението на белите дробови од кое најчесто се страда со ковид-19.

Останува отворено прашањето зошто заразата различно ги погаѓа државите и најчесто тоа се доведува во врска со разликите во културолошките норми, староста на населението, здравствената инфраструктура и слично.

Студија објавена во медицинската архива на Јејл испитувала друга теза: дека разликите во смртноста на ковид - 19 може делумно да се осветлат со разликите во националните политики во однос на вакцината BSG (Bacillus Calmette-Guerin) која се дава во детството.

Земјите кои се најтешко погодени од вирусната криза (Италија, САД, Холандија...) се земји во кои е укината универзалната вакцинација против TBC, просто затоа што бројките и трендовите навестуваа дека таа болест е веќе искоренета. Земјите пак кои доцна почнаа со универзална вакцинација за туберкулоза, (како Иран, на пример, кои тоа го воведоа во 1984 година) имаат исто така висока смртност кај стари луѓе од ковид-19, што сугерира дека бесеже вакцината можеби нуди поширока заштита од респираторни инфекции.

„Вакцината за туберкулоза е пронајдена пред еден век, евтина е и безбедна, а се чини дека го јакне нашиот имунолошки систем,“ пишува Њујорк Тајмс на истата тема.

7 април 2020 - 09:13