Нема еден тип на риба што е најдобар, туку е важен начинот на кој таа се подготвува, се објаснува во студијата објавена во Американскиот журнал за превентивна медицина, во која се нагласува дека "пржењето риба има уникатно негативно влијание на сите потенцијални бенефити за мозокот."
Правилно подготвена, рибата е поврзана со поголем волумен сива материја во мозокот.
"Ако еднаш неделно јадете риба вашиот хипокампус (големиот центар за меморија и учење) е 14% поголем отколку кај луѓето кои не јадат редовно риба. 14 проценти. А ова има и импликации во намалување на ризикот од Алцхајмер. Ако имате посилен хипокампус вашиот ризик од Алцхајмер само ќе се намали.
Во фронталниот кортекс, која го контролира извршувањето на функциите, подобрувањето е за цели 4%. Не знам некој лек или суплемент кој докажано го прави тоа," објаснува радиологот од UCLA др. Сајрус Раџи.
Целата студија започнала како анализа на влијанието на омега-3 мастите врз споменатите функции на мозокот. Тие откриле дека сами по себе, количината на омега-3 во крвотокот немала никаква корелација со зголемување на волуменот на мозокот.
"Нешто околу консумацијата на риба, што и да е, го засилува мозокот. Можно е да сме го опфатиле ефектот на нечиј начин на живот - односно дека има нешто друго што не го мериме, а што е одговорно за ова," објаснува др. Раџи.
Дилемата на истражувачите е дали на пример, луѓето кои јадат риба исто така јадат повеќе тартар сос, па тартарот да е причината за сите бенефити. "Иако ова е малку веројатно." Истражувачите ја зеле предвид и дебелината, физичката активност, образованието, годините, полот, расата и секоја варијабла на која им текнало, и јадењето риба останало најсилен индикатор за волуменот на сива материја.