Уште од херојските времиња човекот верувал во неприкосновеноста на фактите па рекол дека пред нив и боговите молчат. Ренесансата неповратно ги отвора завесите и нивното откривање го цементира како основа на секаков човечки напредок.
Шест-седум века подоцна, што имаме? Факти колку сакаш, поделеност како никогаш до сега. Една од најчестите финти кон кои човек прибегнува е негирање на вистинитоста на фактите. Но, не е единствената.
Истражувања на оваа тема покажуваат дека луѓето имаат склоност и да ја негираат релевантноста на предочените факти (колоквијално: добро, така е, ама па што?). Со други зборови, кога се соочени со факти кои ги демантираат нивните верувања, да ја преформулираат темата на начин на кој тие факти веќе нема да бидат важни. Да ја пренесат на ниво во кое фактите веќе нема да бидат проверливи. На пример да ви кажат дека нивниот однос кон истополовите бракови не е работа на факти (да речеме, факти за квалитетот на децата пораснати во такви бракови) туку работа на морал.
Заклучокот е дека кога фактите навреме се инјектираат во некоја дискусија тие можат да ја намалат жестината на идеолошките забеганости. Но, толку од нив. Можат да намалат но не и да ги искоренат предубедувањата бидејќи луѓето лесно се решаваат да избегаат од фактите и да нурнат уште подлабоко по своите уверувања.
Општествениот имунитет подобро се постигнува кога ги поттикнуваме луѓето да ја прифатат двосмисленоста, кога тие се ангажираат во критичко мислење и ги отфрлаат ригидните идеологии. Ова општество е нешто што новиот образовен систем, и повремено Дејли шоу, барем теоретски, се обидуваат да го создадат. Никогаш нема да ги искорениме предрасудите - ниту од другите, ниту од себеси, а ни од општеството. Но можеме да станеме луѓе послободни од идеологија, но помалку слободни од факти, пишува Сајентифик Американ.
Локален тест за јакнење капацитети на критичко размислување:
Прашање до едната страна:
* Ако е факт дека снимените разговори доаѓале од инсајдери во Петта управа, кому би му биле потребни оние мобилни лажни базни станици, да фаќа разговори само во центарот на Скопје (кога ги има сите) и притоа да ризикува да биде фатен?
Прашање до другата страна:
* Ако е факт дека Груевски снимал сè и знаел сè, како тогаш нема абер што ќе прави Фиат Цановски па го прашува Јанакиевски дали овој се јавил и некако реагирал?