Тато, врти ме!

Секоја култура си има своја, таканаречена „родителска етнотеорија", за тоа кој е вистинскиот начин да се воспитува дете (нешто како свекрва, ама на ниво на општество). Ова се избори кои ги правиме несвесни за нив, иако на некој аутсајдер тие му се очигледни, особено кога се очигледно погрешни.

Сара Харкнес, професор по човечки развој на Универзитетот Конектикат, минала децении собирајќи и анализирајќи го однесувањето на родители од различни култури, но и начинот на кој тие зборуваат за своите деца. Така, Американците најчесто ги прикажувале како „интелигентни" па дури и „когнитивно напредни". Италијанските родители ретко ги фалеле децата затоа што се многу паметни, туку повеќе затоа што се „симпатични" и со добра нарав. Холанѓаните зборуваат за долгите периоди во кои нивните деца можат да се концентрираат, Шпанците за карактерот и однесувањето во групи, Швеѓаните за веселоста и чувството на безбедност. Никој друг не се фокусирал толку многу на интелигенцијата како Американците, која според нив се развива со „квалитетно време" поминато со детето и подржувајќи ги неговите интереси.

Сепак, ова фокусирање на умствените способности малите Американчиња прекумерно ги стимулира во ваква, когнитивна смисла, а од нив прави човечиња кои се истовремено премалку физички спремни за живот. Сега психолозите и педијатрите почнуваат повторно да му се враќаат на телото и развивањето на неговите моторички способности, повикувајќи се на експериментот на Миртл МекГро изведен пред помалку од еден век, кога близнаците Џими и Џони Вудс биле подложени на едноставен експеримент. Џони бил од бебе трениран како Олимпиец, а Џими живеел како нормално дете. Џони почнал да плива под вода на 9 месеци, возел ролерки на 12, самиот се фрлил во базен на 14 месеци (сето ова е забележано на филм). Кога наполниле 6 Џими му се приближил, но Џони бил сепак покоординиран и посамоуверен, квалитети кои се битни за понатамошното развивање на децата како личности.

Но ако не сте баш толку радикални да го испратите бебето на фитнес, има уште една, побезболна опција: вртете си го детето на канцелариска столица. Веќе има и научна статија на оваа тема, која вели дека бебињата со кои вака се игра, барем два пати неделно цел месец, имаат повисоки резултати во подоцнежниот моторички развој во споредба со бебињата кои не го правеле ова, затоа што развиваат подобро чувство за рамнотежа. Па, пробајте - сè што ви треба е канцелариско столче на вртење. И дете.

12 април 2013 - 15:53