Заедничкото делување на иновациите во автомобилската индустрија и доследното спроведување на сè построгите закони во многу земји доведе до значајно намалување на бројот на жртвите во сообраќајни несреќи. Во САД забележија дека жртвите сепак не се рамномерно распоредени по социјалните словеи.
Многу повеќе шанси да загине човек во сообраќајка има ако е необразуван и има мали примања. Поентата не е дека факултетската диплома или пак личното богатство некого прават подобар возач. Стотиците примери од нашата рубрика "Богати и славни" се неисцрпен доказ за тоа.
Поентата е дека сиромаштијата е комплексен феномен кој својот данок го зема во многу чудни правци.
Едноставно, животниот сет-ап на посиромашните и помалку образувани е поопасен и порискантен од оној на посреќните. Првиве возат постари автомобили кои имаат полоши рејтинзи за безбедност при удар. Истовремено, таквите имаат помалку пари да ги купуваат и оние фенси пакети како што се воздушни перничиња, автоматски предупредувања и камери на возилото.
А не е само тоа. Како што покажуваат истражувањата, во сиромашните или рурални реони на САД со текот на времето е опаднат бројот на ургентни центри што ги зголемува шансите некоја повреда да биде фатална. Луѓето што живеат во такви места имаат мала политичка моќ да ги принудат властите да им ги подобрат условите во кои живеат, што значи остануваат со полоша сигнализација на патот, помалку јасно означени пешачки премини или легнати полицајци. Како резултат на сево ова, бројот на пешаци жртви на сообраќајот е убедливо најголем во сиромашните заедници на Америка.