Уметничкиот директор на свечената церемонија на отворањето на Олимписките игри во Лондон, Дени Бојл, на сите битни луѓе и соработници, уште на почетокот им најавил дека е залудно да се обидуваат да направат нешто поимпозантно од кинеската Олимпијада. Наспроти тоа, инсистирал лондонската церемонија да биде поблиска до луѓето и да ги допре на поинаков начин отколку со својата импозантност.
Зад лондонскиот факел стои студиото на младиот (роден 1970.) но угледен архитект Томас Хетервик кој има почесни докторати на четири британски Универзитети. Тој бил одушевен кога му било јавено дека дури и премиерот Камерон дал зелено светло за неговата идеја.
А идејата е уникатна во досегашните олимписки отворања затоа што наспроти еден голем, заеднички горат 204 поединечни факели кои ги претставуваат земјите учеснички на Олимпијадата.
Изработени се од челик и бакар и секоја чашка има индивидуален дотур на гориво. Било инсистирано да се користи природен гас за да нема штетни емисии во воздухот. Јачината на огнот може да се штелува прецизно, како кај плинско решо.
Целата структура е висока 8 метри и тежи 16 тони. Олимпискиот факел од Пекинг тежел 300 тони!
Идејата била држена во најголема тајност па палењето на огнот се вежбало после 3 часот по полноќ, кога ќе заминеле сите учесници на слетот кои вежбале за настапот.
По свеченоста, факелот од средината се преместува на крај на стадионот (онаму каде што беше поставено ѕвоното) а по завршувањето на Олимпијадата, целата конструкција се расклопува и секоја држава учесничка добива една чашка од факелот.