Пиши ми во "оној" фонт

Графички дизајнер создал фонт за кој тврди дека не може да биде прочитан од владините и корпоративни шпиунски софтвери. Дечкото не е шарлатан, има работено за самата НСА.

Санг Мун смета дека графичкиот дизајн може да ја адресира клучната граѓанска загриженост на денешното време - заштитата на приватноста.

Своевремено бил ангажиран од самата НСА, американската безбедносна агенција на која и протече скандалот за масовното прислушување граѓани и странски влади, а стравот од немањето приватност го шират и сомнителните потези на моќните социјални мрежи и бескрајната лакомост на корпорациите жедни за секакви податоци за своите потенцијални клиенти.

"Сакав да созадам писмо кое нема да може да биде прочитано од ОЦР-ите (програми за оптичко препознавање на буквите) а сепак ќе биде читливо за човечкото око", вели тој.

Со многу цртање и тестирање, созадал 4 различни фонтови кои ги споил во писмо (typeface). Секој од фонтовите користи различен оптички трик за да го отежни скенирањето. Едниот создава маскирни облици околу буквите, вториот ги прекрива буквите со точки, третиот става иксови а четвртиот на секоја буква ѝ додава по една мала и лажна буква.

Не сите го делат оптимимизот дека со ова се решава проблемот. Велат, НСА и  сличните со многу мал напор можат и овој фонт да го направат читлив.

"Проблемот на Мун е што фонтовите не му се рандомизирани, што значи дека секогаш кога ќе притиснам А, добивам иста буква. За ОЦР-от буквите се само облици. Чудното А не е потешко за детектирање од нормалното А,", вели еден истражувач од областа на компјтерските науки.

Писмото на Санг Мун можете бесплатно да го земете овде.

 

1 октомври 2013 - 09:22