„XY, земја на пријателство“

Убава приказна на девојка еврејка од посетата на мистичниот град од кој потекнува нејзината фамилија. Додуше не сме сигурни дали смееме да ја објавиме, бидејќи го спомнува Александар, да не испадне дека им ја краде историјата на Грците. А не сме сигурни ни дека барем 25% од приказната е за Албанците. Ако не па, кога ќе наидете на нејзиното „Македонија, земја на Александар Македонски“, вие прочитајте го горенаведениот наслов.

Растејќи во предградие на Њу Џерзи, секогаш ми беа чудни тие слики закачени на ѕидовите по дома, на луѓе со фесови и балкански орнаменти. Од дедо ми слушав приказни за животот во Отоманската империја но зборовите како „Македонија“ и „Сефарди“ им звучеа далечно на моите уши.  

Знам дека сакав да јадам пита со спанаќ и ѓевречиња (види најдолу) и да пеам песни на смешен шпански, но семејната историја не ме допираше многу, сè додека не ја засакав сефардската музика.

Дедо ми израснал во град кој се викал Монастир, во тоа време дел од Отоманската империја, во горна Грција/долна Југославија. Денес тоа е Битола, Македонија. Наместо да преминат во христијанство, мојата фамилија се скрасиле овде како резултат на еврејскиот прогон од Шпанија, за време на инквизицијата во 1492 годиина. Живееле релативно мирно во овој регион, сè додека империјата не почнала да се распаѓа на почетокот на 20-от век.

Приказната на моето семејство за миграцијата во САД е слична на многу други. Дедо ми и неговите бегале од војни, во нивниот случај Балканските, и процениле дека САД ветуваат економска и верска сигурност, па се скрасиле во Рочестер каде имало голема заедница битолчани и каде што можеле да ги продолжат своите сефардски традиции. За жал, многу од традициите од стариот крај полека избледувале. Но, гордоста кон родниот град на семејството преживеа. Мистериозната Битола живееше во мојата свест цело време на моето растење. На дедо ми му засјајуваа очите од приказните од неговата младост, но и од маката што поширокото семејство остана таму и исчезна во Втората светска војна. Од Македонија, 99% од еврејското население загина во Треблинка. 

Имајќи го ова сознание, семејната историја ме влечеше да дознаам повеќе за она што е изгубено. Истовремено, почнав да учам класична музика и долги години сонував да бидам оперска пејачка. На 20 години почнав да студирам на Институтот за вокални уметности во Тел Авив. Но, не знаев дека запознавањето со големиот оперски пејач и професор по пеење, Нико Кастел, ќе ми го смени животот. Освен што беше професор по дикција во њујоршки Метрополитен, тој беше и еден од најголемите познавачи на ладино јазикот. Откако сфатив дека со Нико Кастел делиме исто наследство, посакав да дознаам сè за ладино музиката на моето семејство. Тоа беше начин вистински и длабоко да се поврзам со сефардското наследство. И така, од опера се префрлив на проучување на Ладиното.

Од тогаш имам настапувано по цел свет, но никогаш не сум била во Битола, родниот град на моето семејство, сè до септември 2017. Знаев дека имам фанови во Македонија, што се потврди со бројните барања за интервјуа и статии кои за мене ги пишуваа ентузијасти. Кога бев поканета да настапам во соседна Бугарија, знаев дека мора да ја искористам шансата да дојдам и во Македонија. Попатно им ја спомнав идејата на неколку мои контакти од таму и набргу целата агенда - транспорт, сместување. настап и прошетки - ми беа организирани.

Не-еврејски граѓани на Република Македонија беа заслужни за тоа. Да кажам дека наидов на топло добредојде е малку. Откако стапнав во Македонија, бев опсипувана со цвеќе, колачиња и подароци за мене и моите деца, Во сите години во кои сум настапувала низ целиот свет, не сум била толку ценета како во Македонија. Луѓето ја сакаат еврејската традиција. не затоа што чувствуваат колективна грижа за минатите несреќи туку затоа што им недостасува еврејската жичка која придонела многу во нивната историја. 

Во моментов во Македонија живеат околу 225 Евреи, главно во Скопје. Во Битола нема ниеден. Секаде кајшто одев, луѓе ми раскажува приказни за еврејските другарчиња од нивното детство и ми покажуваа каде живееле. Бев освоена од чувствителноста и историските познавања на луѓето со кои се сретнував. А потоа настапив пред стоечка публика во битолскиот културен центар. Многу од песните кои ги имам напишано на ладино се создавани од историски сеќавања. Мојата песна „Чика Морена“ се однесува на црнокоса девојка која била испудена од својата родна земја и која, водена од гласовите на своите предци, се обидува да го најде патот назад.

Кога сум ја изведувала таа песна порано, обично во позадина проектирав црно-бели фотографии од моето семејство пред Втората светска војна. Пеејќи ја таа песна со истото видео зад мене, пред не-еврејска публика во матичниот град на моето семејство, песната за мене доби сосема поинаква тежина. На многу нивоа тоа беше остварување на соништата.

Кога се вратив назад, приказните од Македонија ги споделив со Џош Блум кој има работено на човекови права во Македонија меѓу 2001 и 2004 а одеше повторно таму, како мониторинг на избори. Инспирирани од нашата заедничка љубов и страст кон Македонија и еврејското наследство, се зарековме дека што повеќе луѓе ќе ги запознаеме со оваа специјално место - земја богата со природни убавини, етничка шареноликост и динамична историја: земја на Александар Македонски, родно место на Мајка Тереза, дом на некогаш голема еврејска заедница.

Кога следното лето повторно ќе бидам таму, ќе продолжам да ги славам уникатните спомени на моето семејство на Македонија и нејзината сефардска традиција. И да создавам нови спомени.

Сара Ароесте

Од читател:

Живеам во Стрелиште Битола. Најдолгата улица во Стрелиште е крстена Арон Ароести, Не знам дали тоа некој ѝ го кажа тоа на Сара (претпоставувам дека се во некоја врска, презимето и е од мома или од друго место). Не знам сигурно, ама ако ме служи сеќавањето, заминал во герила со “шумкарите”за време на бугарското владеење на Битола и така загинал.

********

Сара со ќерката прави ѓевречиња:

 

 


 

20 февруари 2018 - 11:19