На Земјата некако ѝ се брза

Ако денеска не ви стаса време да ги сработите обврските или ако чувствувате вртоглавица, до планетата е. Поради забрзаната ротација на Земјата, oвој 9 јули е пократок за 1,3 милисекунда. Аномалијата ќе се повтори во уште два летни дена. Луѓето нема ни да забележат, ама за научниците и компјутерите е многу важно да ги курдисаат часовниците за да не изгубат некоја милисекунда.

Покрај денешниот ден, за 1,3 до 1,5 милисекунда ќе бидат пократки и 22 јули и 5 август. Причината е специфичната позиција на Земјата во однос на Месечината и взаемното гравитациско дејство. На трите датуми Месечината ќе биде најдалеку од екваторот на Земјата.

Милисекунда човек не може да забележи, но за прецизните хронометри тоа е битно отстапување. Времето денес се следи со атомски часовници, способни да мерат милијардити дел од секундата и глобално се синхронизирани во Координирано универзално време (UTC).

Компјутерите, серверите, GPS системите, банкарските и електричните мрежи, како и големите телескопи, сите се потпираат на неверојатно прецизна синхронизација. Сè треба да биде временски означено, вели физичарот Дејвид Гозард од Универзитетот во Западна Австралија.

Нашата планета се врти околу својата оска за приближно 86.400 секунди, ама не е прецизна како атомски часовник. Тоа време варира поради позициите во однос на Сонцето и Месечината и промените на магнетното поле, во јадрото или на површината на планетата. Отстапките се сумираат, поради што хронометрите понекогаш одземаат или додаваат по некоја секунда за да го изедначат универзалното време со природното.

Во принцип, Земјата од своето раѓање ја забавува својата ротација, што ги прави деновите подолги. Истражувачи пресметале дека пред околу милијарда до две години порано еден ден траел околу 19 часа. Во ерата на диносаурусите бил 23 часа. Месечината тогаш била поблиску и меѓусебното гравитациско привлекување било поизразено.

Како што се оддалечува Месечината, така се забавува ротацијата на Земјата и денот се продолжува. Но, во почетокот на оваа деценија е забележана аномалија во спротивна насока. Не се знае точно зошто. Најкраткиот регистриран ден досега е 5 јули 2024 година, покус за 1,66 милисекунда.

Влијание врз ротацијата имаат и сите промени во распоредот на масата на планетата – движењето на мразот и подземните води, дури и пролетното разлистување на дрвјата на северната хемисфера, каде што е поголемиот дел од копното.

9 јули 2025 - 15:02