Младиве денес не чинат веќе 2,5 милениума

Фацинантно е како ама баш секоја генерација, во некој момент влегува во истата досадна приказна за тоа како младиве денес не се како тие порано и како ли тоа ќе изгледа... памет немам, сестро слатка....

Денешните деца сакаат луксузирање. Имаат лоши манири, се спротивставуваат на авторитети, не покажуваат почит кон постарите. Тие денес се тирани, наместо слуги во домаќинствата. Веќе не стануваат кога постар ќе влезе во соба, им удираат контра на родителите, дрдорат пред луѓе, прекрстуваат нозе кога седат, ги малтретираат своите учители.

Сократ

Tој и таков став за младите трае две ипол милениума! Генерација по генерација, секоја на сличен начин ламентира за „младиве денес“, убедена дека баш сега (кога тие се стари) или барем дека колку никогаш порано, младите почнале да се расипуваат. А се „расипуваат“ уште од Сократ, и којзнае уште колку пред него. Да беше навистина така, светов одамна ќе беше уништен од  толку последователни сè полоши генерации.

Но, издржливоста на ламентирањата „ах, младите денес“ не покажува само дека тоа е илузија која нема врска со реалноста туку и дека не е производ  на конкретна култура или време туку дека претставува некоја посуштинска илузија и баг на човекот.

Колку и да е таа сеприсутна во време и простор, постојат многу малку истражувања за тоа што стои зад таквата перцепција и потребата да се потценуваат младите и нивните актуелни карактеристики. Сепак, истражувања има.

Во случајов се работи за пет одделни студии кои истражувале поврзаност меѓу сопствените карактеристики на луѓето и нивната перцепција на „младиве денес“.

Истражувачите Џон Процко и Џонатан Скулер утврдиле дека авторитарни карактери особено мислат дека „младиве денес“ не ценат авторитети, дека интелигентни луѓе особено мислат дека младиве денес се понеинтелигентни, дека оние што читаат книги особено мислат дека младите денес не читаат како тие порано.  Накратко, во очите на старите, младите стојат лошо особено во карактеристики до кои тие (постарите) држат.

Дел од темите за кои станува збор се мерливи. На пример, не е точно дека денес луѓето се помалку интелигентни од некогаш: генерално интелигенцијата постепено расте, иако во некои земји, како на пример нордиските, е забележан и регрес (забелешка: Македонецот има најмалку причини да се сити на тоа)

Когнитивните механизми кои стојат зад илузијата за неквалитетната денешна младина се базираат на фотошопираната меморија за себе и на тоа што споредбите на денешните деца ги правиме со себе какви што сме денес, а не со себе какви што сме биле на нивна возраст.

„Кога ги набљудуваме денешните деца, ние споредуваме една пристрасна меморија за минатото со многу пообјективен увид во сегашноста и ни се чини дека постои природно уназадување. Затоа тој ефект за „ах, младиве денес“ се одржува со милениуми.  Рикверц проекцијата на себе денес врз денешните деца се појавува затоа што луѓето при рака имаат помалку расположиви детали од минатото на кои можат да се повикаат во споредбата,“ се вели во сублимат на студијата.

13 јуни 2021 - 12:06