Митот за скапите пенкала на НАСА

Приказната за пенкало на НАСА за пишување во вселената и далеку поедноставното решение на Русите се појавува секогаш кога некоја огромна корпорација ќе презентира некој комплексен, пренадуен и претерано скап производ или процес. Излезе дека НАСА не биле до толку дрва.

На кратко приказната е дека за време на вселенската трка НАСА се соочила со сериозен проблем кога открила дека обичните пенкала не функционираат во вселената (нема гравитација за да го повлече мастилото). По ова НАСА започнува со работа и по некое време го смислува "Astronaut Pen" чиј развој на крај ги чини 1,5 милиони долари. Цело ова време Русите користеле молив.

Проблемот е што приказната не е точна ниту за Американците ниту за Русите. Американците го пробале користењето молив меѓутоа имале проблем со честички кои излегуваат од него при пишување или острење (скршена мина, прашина од графитот или ѓубрето од острилката) плус тие биле лесно запаливи.

Заради ова НАСА бара друго решение кое го наоѓа во соработка со Фишер Пен компанијата, која започнала развој на пенкало што може да биде користено во екстремни услови:

"Пол Фишер и неговата компанија, инвестираат 1 милион долари за создавање на она што сега е познато како вселенско пенкало. Ниту еден долар од овие пари не се дојдени од куферите на НАСА - агенцијата се вклучува дури кон крајот на проектот. Во 1965-та Фишер го патентира пенкалото кое може да пишува свртено нагоре, во студ или на жештина (од -50 до плус 204 степени Целзиусови), под вода или во други течности. Единствената разлика е што ако е премногу топло, мастилото од сино станувало зелено."

По тестирањето НАСА нарачува 400 пенкала за користење на вселенските мисии, и за нив плаќа околу 1.000 долари. Следната година и Русија се префрлила на пенкала.

Фишер Пен компани се уште го продава пенкалото. Цена 32 долари од парче.

11 октомври 2013 - 11:53