Келнер: Не сум груб, само сум Француз

Француски келнер бил отпуштен од канадски ресторан заради проценка дека бил „агресивен, груб и не покажувал почит“. Сега тој го тужи ресторанот заради дискриминација на неговата култура.

Гијом Реј тврди дека не бил ни агресивен ни груб ниту пак сакал да покажува непочитување кон гостите. Туку само бил Француз.

Тој добил отказ од работа од еден ресторан во Ванкувер откако не го менувал своето однесување и однос кон гостите иако за тоа имало и усни и пишани поплаки од некои свилени муштерии на ресторанот. А ресторантската управа се согласува дека бил добар келнер, ама ете, малку терсене.

Реј поднел жалба на тамошниот трибунал за човекови права обвинувајќи го поранешниот работодавец за дискриминација на неговата култура.

Тој ги одбива епитетите заради кои добил отказ и вели дека само бил „директен, искрен и професионален“, наведувајќи дека неговата француска култура му наложува да биде подиректен и поекспресивен во однос кон луѓето.

Својот став и однесување, вели тој, го избрусил со долгогодишна кариера на француската угостителска сцена. Кој имал искуство со француски келнери, јасно му е.

****

Види и:

„Најлошиот келнер во историјата“

29 март 2018 - 10:45