Ова е една од стандардните морални дилеми кои истражувачите ги користат за да анализираат како луѓето донесуваат тешки одлуки. Неодамна една група повторно се навратила на одговори од повеќе од 6.000 субјекти, oвој пат обидувајќи се да ги спореди одговорите на мажите и на жените. Тие сфатиле дека обата пола ги земат предвид последиците, а тоа во случајов е одземениот живот. Но жените повеќе се мачеле да донесат одлука, токму заради фактот што станува збор за убиство. Оттаму голем број од нив одлучувале Хитлер сепак да живее.
„Жените реагираат емотивно, 'од стомак', кога станува збор за нанесување штета на луѓе, за разлика од мажите кај кои не се забележува таква силна реакција", вели Ребека Фрисдорф, авторка на студијата, чии резултати беа објавени неодамна во Personality and Social Psychology Bulletin.
Некои луѓе во донесувањето на одлуката се мотивирани од последиците, проценувајќи ги мааните и добрите страни кои можат да произлезат од нивното дејство (од тоа дали ќе го убијат Хитлер, или не). Другите се концентрираат токму на чинот на убивањето, затоа што тоа оди против моралните норми („не убивај"), и затоа полесно одлучуваат Хитлер да преживее.
Ова е само едно од десетте сценарија кои им биле презентирани на учесниците во студијата. Претходната морална дилема е веројатно најпозната, но одговорот на неа зависи и од тоа колку човек може навистина да се внесе во целата работа со временската машина. Една друга, пак, со име „Тешки времиња" е многу пореална:
„Да речеме дека сте глава на сиромашно семејство во земја во развој. Целиот род веќе втора година ви пропаѓа и изгледа дека нема начин да го нахраните семејството. Вашите синови, на 8 и 10 години се премлади за да работат во градот, но ќерка ви може да заработи со снимање сексуално експлицитни филмови. Човек кој се занимава со ова и нуди работа, велејќи дека таа за една година би можела да заработи доволно за да бидете раат.
Дали би ја пуштиле ќерка ви да се занимава со порнографија за да го прехраните семејството?"
Жените и по ова прашање потешко донесувале одлука, и заради тоа што повеќе се идентификувале со улогата на мајка (и жена), но и затоа што повеќе ги земале предвид општествените морални норми.
„Жените имаат еднакви нивоа на емотивен и когнитивен однос кон моралните дилеми. Токму затоа им е тешко бргу и ефикасно да донесат одлука", вели Фрисдорф.
Иако наведените дилеми изгледаат прилично радикално, со поблаги варијанти од нив се среќаваме секој ден. Токму тогаш е важно кој ја носи конечната одлука, и дали се работи за маж или жена. Од друга страна, и на Хамлет не му беше лесно да се одлучи помеѓу да се биде, или не.