Моментално двата големи проблеми со автомобилите е бројот на луѓе кои умираат во сообраќајни несреќи (околу 1,2 милиона годишно) и загадувањето кое го создаваат автомобилите (од што пак умираат луѓе).
Се проценува дека до 2050-та, бројот на автомобили во светот ќе изнесува над 3 милијарди, споредено со околу 1 милијарда автомобили колку што има денес. Еве што ќе се разликува кај нив:
Во 2050-та автомобилите сами ќе се возат. Веќе неколку компании, меѓу кои Генерал Моторс, БМВ, Волво и Ауди (секој сам по сам), работат на системи кои ќе му дозволат на автомобилот сам да управува. Веројатно ќе се работи за полуавтоматски систем, во кој автомобилот ќе ја има комплетната контрола надвор од градот, додека за градско возење ќе се префрли управувањето на човек. Освен поголем ред во возењето, се очекува дека автоматските автомобили сериозно ќе ја намалат потрошувачката на гориво и бројот на жртви.
Гугл и Епл веќе работат на дигитализирањето на автомобилите, создавајќи лични асистенти на возачите кои имаат информации за сообраќајот, нивниот дневен распоред, патиштата и слично. Тоа е денес, никој не може од сега да погодува што ќе се случи за 35 години.
Фосилните горива нема комплетно да исчезнат од понудата, меѓутоа во овој период сериозно ќе се зголеми бројот на електрични автомобили, а ќе се засили и електричната мрежа што би дозволила побрзо полнење на истите. Се очекува дека до тогаш батериите за автомобили ќе имаат капацитет од околу 800 километри. Решението за долги дестинации и понатаму ќе биде моторот со внатрешно согорување.
За изгледот најсигурно е да се претпостави дека и во 2050-та автомобилите ќе личат на автомобили. Ќе имаат четири седишта и тркала, и се уште ќе наликуваат на метална кутија. Меѓутоа најверојатно е дека карбонот или некој друг лесен материјал ќе го замени железото, а дизајнот ќе се обиде да ги извади најефикасните и аеродинамични контури, а може да се случи автомобилите да го менуваат изгледот.