Не дека градот својски не запна да го оствари посакуваниот таргет. До 2012-та Сан Франциско рециклираше, компостираше и повторно употребуваше дури 80% од своето ѓубре што е убедливо највисока стапка меѓу американските градови. Во земјата во тоа време просекот изнесувал околу 34%.
Градот користи најмодерна машинерија за сортирање и рециклирање а департментот за животна околина проценува дека доколу ама баш секој жител на градот го фрла ѓубрето во соодветната корпа, ќе се успее до 90%.
Има работи кои, едноставно, не можеш да ги рециклираш или пак искрснуваат проблеми кои не зависат од еден град или држава. Некои од нив се поврзани со главниот проблем - пластиката. Иако и во САД почнаа да се воведуваат правила против најмасовниот жанр пластика (пластични лажички, цевчиња за сок...), тој проблем се кумулира откако Кина реши дека нема да ја прима проблематичната пластика од цел свет. Се проценува дека заради ваквата одлука, до 2030 година ќе се создадат дополнителни 111 милиони тони пластично ѓубре во океаните. Но, Кина стои цврсто на ставот дека нема сама да го решава овој глобален проблем па во ноември 2017 го заузда увозот.
Фрка е и што постојат работи кои не можат да бидат рециклирани, барем не лесно. На пример, некои видови електроника и мебел содржат запаливи материи кои се токсични ако се вдишат па во добар дел од рециклирачките објекти не се примаат.
Новиот зелен таргет на Сан Франциско е поместен на 2030 година и напуштена е идејата за „нула ѓубре“. Главна цел на новиот план е во следниве 12 години да се намали поединечната количина ѓубре која ја генерира секој жител на градот за 15% и истовремено да се преполови вкупната количина ѓубре која завршува во природата.
Идејата за нула ѓубре е тешко остварлива дури и во Јапонија. Она свое ѓубре кое жителите на малото гратче Камикацу не можат сами да го компостираат, го носат во рециклирачки центар кој го распоредува во дури 45 категории. Па сепак и таму нешто завршува во природа, главно употребени пелени и хартиени марамчиња, отпушоци од цигари, некои видови кожа и пластика и друго.