- Ако допрва откривате какви сè згодни алатки постојат наоколу за онлајн настава, сопрете тука. Просто, сопрете. Да ви беше тоа битно, ќе го откриевте и порано.
- Немојте да верувате дека дома сите ваши ученици имаат совршени услови за следење онлајн настава. Можеби немаат компјутер, принтер, скенер, најбрз интернет.... Ниту се должни да имаат, ниту пак да полагаат некому сметка зошто е тоа така.
- Некои од нив пристапуваат на интернет преку нивните мобилни телефони. На пакети со ограничен интернет. Не мора да го потрошат цел интернет за онлајн настава, може да им затреба интернетот за нешто многу поважно.
- Не инсистирајте сите да прават тестови во исто време бидејќи не знаете како им е дома. Можеби имаат само еден компјутер или лап-топ, а во закажаното време некој од родителите мора да работи на него.
- Не сите возрасни во ова време се дома. Некои мора да работат надвор и тоа повеќе од нормално бидејќи таква им е работата. Тоа го зголемува стресот кај оние кои остануваат дома, првенствено кај младите.
- Некои од учениците можеби се болни. Некои од нив можеби имаат болен човек дома.
- Не заборавајте дека се принудени да го минуваат најубавиот период од животот во услови на социјална изолација. Уште нечии амбициозни домашни задачи им требаат.
- Кога се работи за студенти: обрнете им внимание кога ви бараат помош. Можеби се анксиозни, можеби се уморни. Многумина од нив морале да се вратат дома кај што ситуацијата не им е најсјајна. Или треба сега да бидат повеќе време со некој партнер кој не баш најпријатен за дружење. Факултетот често знае да биде безбедно место за млади луѓе во такви ситуации а сега тоа им е недостапно. Вашите предавања се битни за нив кога можат да се фокусираат. А можеби не можат.
Просто, не запнувајте до толку.