„Стаклените небодери се климатска непогода,“ смета професорка на Централно-европскиот Универзитет во Унгарија и членка на меѓувладин панел за климатски промени која тврди дека тие треба да бидат забранети. „Ако сакаме да постигнеме некој разумен климатски таргет, не гледам друга опција,“ вели Дијана Урге- Ворзач.
Секоја зграда во која се вдомуваат стотици луѓе неминовно има свое влијание врз околината, но, стаклото е особено проблематично: сончевата светлина и топлина имаат отворен пат да влезат во зградата но не и да излезат од неа. Таквиот небодер функционира како оранжерија, топлината влегува внатре и не може да излез од стаклената лушпа. Тоа е добро за патлиџани но кога се работи за луѓе, тоа значи само потреба од дополнително разладување.
Од 2.000 година до денес, енергијата потребна за ладење е удвостручена. До 2040 ќе се дуплира уште еднаш. Тоа е еден лошо затворен кург: градиме стаклена висококатница која потоа треба да ја ладиме, за што ни е потребна енергија која придонесува кон климатската криза. Па таа топлина оди надвор а што е потопло надвор, треба повеќе да се лади внатре...
Проблемот не може да биде решен со исклучување на климите. Нема поента луѓе да се препотуваат во прегреани стаклени згради. Но, има поента во одговорна архитектура која ќе може да ги лади луѓето без претерување со еркондишни.
Треба да се градат подобри згради, а такви има.
На пример RHW.2, деловниот небодер од 21 спрат во Виена. Конвенционалниот стаклен небодер е запечатен и нема природна вентилација. Овој има два слоја стакло, со простор меѓу нив па внатрешните прозорци можат да се отвораат и просториите да се вентилираат и ладат преку тој воздушен канал. Австриската висококатница користи само 20% од енергијата која ја цицаат нејзините конвенционални еквивалентни. Изградбата е поскапа за околу 5 милиони евра но таа пара се враќа за неколку години енергетски ефикасно функционирање.
Стаклото е лошо и по еден друг параметар кој се вика „вклучена енергија“ под што се подразбира количината енергија која била потребна за нешто да биде создадено. Во тој поглед, стаклото е климатски инфериорно во однос на дрвената граѓа која во себе го има и заробено моментално најголемиот непријател на околината, јаглерод диоксидот.
„Стаклото е убаво но во 21-от век кога се соочуваме со климатски предизвици, треба да ја редефинираме естетиката. Зграда може да биде убава а истовремено да не биде климатски неодговорна,“ вели професорката од погоре.
Био-материјалите се подобра опција. Пред три години во Ванкувер беше изградена дрвена 18 катница а во меѓувреме, лимитот на висина на дрвени згради е и надминат бидејќи во моментов се гради и дрвена 40 катница.
Стаклото е убаво и неопходно, за прозорци. Сè друго е многу неодговорно. Се предвидува дека небодерите од иднината ќе бидат застаклени максимум 40% од фасадата. Остатокот ќе бидат одржливи природни материјали.