Новогодишни резолуции за архитекти 2015-та

Се гради Скопје на Коце, се гради и Лондон на Борис Џонсон. Гардијан реши да го почасти градоначалникот и архитектите со пар совет за оваа година. Некои од советите не одговараат за кај нас, некои одговараат многу, а за некои е доцна.

Слушајте ги локалците

Ако сите познати архитекти во земјата ви го ругаат дизајнот за некоја зграда како „монументална грешка" и „срам за идните генерации", веројатно треба уште еднаш да се размисли пред проектот да се материјализира. Особено ако тој не е во вашата татковина, туку во друга земја. Таков беше случајот со Заха Хадид која откако се соочи со петиција со 32,000 потписа против нејзиниот нацрт за Токијскиот олимписки стадион, имаше само да изјави дека „некои луѓе во Токио се љубоморни".

Заборавете ги „прекршувањата" на фасадите

Иако се се уште модерни, ваквите градби кои претендираат на тоа да претставуваат „урбани скапоцени камења" или „да отсликуваат визии на огледални светови" се всушност купови непотребни агли, кои изгледаат како грешка на компјутерскиот модел. Совет - во 2015 само ортогонално.

Не за „фасада врз фасада"

Како би изгледало ако се обидете да навлечете кожа од некоја манекенка врз сопствената? Веројатно нема ништо да гледате бидејќи очните дупки нема да бидат на соодветното место, а ќе имате и проблем со дишењето. Фасадите на градбите се нивен идентитет, и ако веќе не ги реновирате онакви какви што се, само освежувајќи ги, подобро ич да не се чепкаат.

Дизајнирајте „глупи" градови

Сите оние заложби за „умни градови" со технолошки геџети вградени дури и во корпите за ѓубре или во бандерите, од оној кој живее во таквиот град прават пасивен потрошувач на услуги и генератор на податоци за локалните власти и компаниите кои го добиле тендерот. Правилото тука изгледа гласи: колку помалку технологија, толку повеќе урбана демократија и раат живот.

Не моделирајте со Лего

Данските коцкички можат да бидат извор на инспирација за архитектите, и тоа компанијата неодамна лукаво го искористи, правејќи ја исплатливата серија за возрасни фанови, Lego Architecture Studio. Се работи за скап сет на исклучиво бели коцки, кои ако се земат како модел за вистинска зграда ја поттикнува нивната грда „пикселираност" (како објекти изградени во Мајнкрафт).

Бранете го значењето на јавниот простор

Што може да е подобар симбол на граѓанскиот живот од убав јавен простор? Но дури и тој се повеќе станува само продожение на приватниот имот - као на пример влез во трговски центар без покрив, кој само личи на јавен простор а всушност припаѓа на приватен сопственик, кој ќе направи сè што треба само полесно и поугодно да стигнете до продавцниците и кафеаните кои му прават профит.

повеќе

п.с. на оваа тема, Слејт ги одбра најгрдите згради во 2014-та, од Италија до Токио.

5 јануари 2015 - 14:34